Достапни линкови

Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија. Претстојниот извештај на ЕУ во делот на работата на парламентот ќе биде позитивен


Господине Вељановски, како гледате на вашата функција кога од Македонија Брисел бара зацрвстување на политичкиот дијалог, што е една од основните забелешки во поглед на добивањето датум за преговори со ЕУ?

Јас мислам дека во овој период е постигнат голем напредок, за што имаме добиено и позитивна оценка од делегацијата на Европската комисија за политичкиот дијалог што се води во Собранието на Република Македонија. Ако ги тргнеме на страна бојкотите коишто се случија од опозицијата, коишто не се поврзани со настани или случувања во Собранието, сметам дека политичкиот дијалог што се води во Собранието на Република Македонија е на завидно ниво, затоа што јас воспоставив редовна координација во понеделник, во десет часот, како претседател на Собранието, заедно со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, каде што ја утврдуваме динамиката на настаните и на водењето на седниците што ќе се случат во неделната активност. И тоа е една од позитивните оценки, што од страна на Европската комисија е укажано дека е за поздравување, затоа што до сега, утврдената пракса на неделните активности, се почитува, како од мнозинството, така и од опозицијата и сметам дека политичкиот дијалог којшто се води на тоа ниво е на задоволитено ниво и затоа имаме позитивна оценка од делегацијата на Европската комисија. Додека, за политички дијалог надвор од Собранието, тоа е друго прашање, за други институции, но сметам дека сепак во Собранието на Република Македонија политичкиот дијалог што се води е на завидно ниво.

Опозицијата има остри критики поради носење огромен број закони минатиот месец во што учествуваше само парламентарното мнозинство, што не претставува одраз на политички дијалог?

Вака сега. Да расчисиме некои работи. Во текот на месец јули, во редовна координација, како што претходно кажав со координаторите на опозиционите партии, ги договоривме околу 70 закони, коишто беа влезени во собраниска процедура да бидат завршени. И тие се завршија. Во поголем дел од тие закони опозицијата дури гласаше, во 40 закони, гласаше за поддршка на тие закони, во 30 имаше поделено мислење, за 20 беше против, но во сите тие учествуваше. Откако се случи бојкотот од страна на опозициониот СДСМ, за случувања што се надвор од Собранието, ние бевме приморани да работиме и да ги донесуваме оние закони коишто беа во агендата на Собранието на Република Македонија. Затоа што, сепак, јас како претседател на Сорабнието на Република Македонија, тоа го кажав и на опозицијата, нема да дозволам да биде блокирана работата на Собранието на Република Македонија за некој настан што не е поврзан со Собранието. Настанот којшто е поврзан со една од другите власти. Тоа е судската власт и не сакам да дозволам, законодавниот дом и неговата работа да биде диктирана од случувањата што се надвор од Собранието. Генерално, сите тие закони се добри што беа донесени, затоа што се исполнија одредени реформски зафати кои беа налагани во однос на добивањето на позитивен извештај од Европската комисија.

Како мислите дека ова темпо на работа на Собранието ќе биде забележано во ноемврискиот извештај за Македонија?

Па вака, генерално можеме да се согласиме дека носењето на толку голем број закони не е препорачливо и јас сметам дека не е препорачливо, но имаме многу заостанати закони од претходниот парламент коишто лежеа во фиоките во Собранието и не можеа да дојдат на пленарна седница. И сметам дека е добро што се донесоа тие закони, затоа што се битни за политичкиот и економскиот живот во Република Македонија. Но, понатаму не би требало тоа темпо на работа на носење закони во ред е таа забелешка и мислам дека тоа темпо на работа нема да продолжи. Затоа што нема толкава продукција на закони кооишто доаѓаат од владата, за да може Собранието да ги разгледува. Еве, како што гледа и јавноста ние скоро на две недели одржуваме нова седница, а претходно собраниските комисии ги разгледуваат сите закони коишто се предмет на дискусија на пленарната седница.

Што очекувате од ноемврискиот извештај на ЕУ во поглед на работата на Собранието?

Јас очекувам дека ќе имаме позитивен извештај во однос на политичкиот дијалог, дека е воспоставен политичкиот дијалог во Собранието на Република Македонија, дека се воспоставени редовни правила кои ќе бидат применувани без оглед на тоа која партија е на власт, а која во опозиција. И дека, нормално, нивната препорака ќе биде да не се носат толку голем број закони по итна постапка, коишто јас го прифаќам и укажувам дека понатаму, како претседател на Собранието на Република Македонија, мислам дека тој тип на носење на закони ќе биде изолиран, на случајно носење на закони по итна постапка. Во краен случај, сметам дека особено за Собранието на Република Македонија, исполнување на целосно акциониот план што ни беше даден од делегацијата на Европската комисија, ќе биде на задоволително ниво.

Се концентрира ли моќта во владата на сметка на Собранието со последните неколку измени во законите?

Па, видете, гледам дека опозицијата ја експлоатира таа тема, мислам дека не е во право, затоа што носењето на измени во законот за одбрана, каде што се дава можност, откако ќе бидеме членки на НАТО, се дава можност владата да носи одредени одлуки наместо Собранието, не треба да се генерализираат случувањата. Мислам дека Собранието има поголема автономија, поголема самостојност, независност и не е концентрирање на моќта, како што опозицијата сака да прикаже од Собранието кон Владата. Мислам дека во поголем дел со измените на законите се оди баш во обратна насока, од Владата во Собранието на Република Македонија.

Но, постојат убедувања, дека ова е обид на Владата преку измени и во други закони, како законот за надворешни работи да се намалат ингеренциите на претседателот, да се концентрира моќта во владата?

Па, добро, тоа сепак не е поврзано со Собранието на Република Македонија. Тука таа релација е меѓу владата и претседателот, коишто се дел од извршната власт. Кога зборуваме за Собранието, сакам да укажам, дека освен измената во законот за одбрана, којашто е наметната, и таа измена ќе биде применлива само кога ќе бидеме членка во НАТО.

Кои се приоритетните закони кои според вас би требало да се најдат на дневен ред на Собранието во наредниот период?

Па вака, и до сега и понатаму, секој закон, којшто го носи европскиот предзнак, треба да биде приоритетен закон, така и се правело и можам со задоволство да констатирам дека се исцрпени тие закони со европски предзнак. И во иднина сите такви закони ќе заземат посебно место при составување на дневниот ред на седницата на Собранието на Република Македонија.

Кои битни закони кои се однесуваат на некои одредби од Рамковниот договор не се донесени во Собранието?

Јас мислам дека скоро сите битни закони. За оние тековни закони кои се прилагодуваат не правиме муабет, туку сите битни закони се донесени согласно Рамковниот договор. Имаше нели едно размислување дали да се донесе посебен закон за употреба на јазиците, за граѓаните што го зборуваат јазикот од 20%. И тоа се надмина, се донесе таков закон и мислам дека едно крупно прашање на тој начин е решено.

Законот за јазици повлекува и трошоци за опрема и преведувачи, значи како Собранието ќе се справи со целиот овој процес?

Па добро, во поголем дел, товарот преоѓа во Собранието затоа што голем број материјали треба да бидат преведени на јазикот којшто го бараат пратениците и сметам дека сепак Собранието има сили тоа да го спроведе и да овозможи доследна примена на Законот. Ќе се вработат околу 15 преведувачи од албански на македонски и обратно, коишто ќе можат да ги преведат материјалите во Собранието.

Кога пратениците ќе расправаат за законот за посебни права на бранителите?

Јас согласно деловникот на 16ти е закажана нова седница и ја ставив точката на дневен ред. Штом добиеме мислење од владата по тоа прашање, Собранието е должно и треба да расправа по законот, како ќе одлучи Собранието по тој закон, којшто е сепак граѓанска иницијатива, поднесена од преку 13 илјади граѓани, потписници, ќе одлучи Собранието. Но, сепак треба да се исполнат сите услови, затоа што тој закон дава големи финансиски импликации, па владата треба да даде мислење во однос на финансиските импликации, дали буџетот на Република Македонија тоа може да го издржи или не, за да можат кога ќе одлучуваат пратениците да го дадат своето мислење по тој закон.
XS
SM
MD
LG