Достапни линкови

Потребни се долгорочни договори за откуп, велат земјоделците


Како една од причините зошто одгледувачите на земјоделски култури и сточарите своето незадоволство го искажуваат преку растурање на своите производи, се ниските откупни цени кои ги нудат откупувачите. Но и доцнењето на ветените владини субвенции влијае врз овие протести посочуваат некои земјоделци.

,,Веројатно причината е ниската откупна цена на производот. Се нудат некои 12 денари, па не ја купуваат, па одложено плаќање, а и субвенциите не се добиваат,"

вели Стевче Атанасовски индивидуален земјоделец.

Од Федерацијата на фармери велат дека откупувачите при откупување на земјоделските производи,во цената ја калкулираат и стимулацијата која ја добиваат земјоделците од Владата.

,,Конкретно во лозарството, во винскиот сектор се случува винариите да откупуваат по пониски цени од лани, тоа е надвор од логиката, кога трошоците за производство се зголемени,"

изјави Ѓоко Данаилов од Федерацијата и посочува дека субвенциите кои ги добиваат земјоделците се доволни но сепак како што вели тој секое покачување е добредојдено.

Од Министерството за земјоделство ги демантираат изјавите на некои земјоделци дека поради ниските субвенции се случуваат овие протести. Причината според министерството е малата откупна цена која ја нудат откупувачите.

,,Ова со пласманот на градинарските производи е сосема друг тип на проблем со кој се соочува градинарството, но не во делот на субвенционирањето,"

изјави портпаролот на министерството Соња Трајковска

Но и покрај напорите на Министерството за земјоделство за решавање на овие недоразбирања меѓу производителите и откупувачите, сепак како што информираат од Федерацијата на крај секогаш се завршува на тоа дека пазарот ги диктира цените. За да еднаш се стави крај на овие проблеми од таму порачуваат

,,Во ситуација кога ние не можеме да го држиме до бескрај земјоделскиот производ на нивите, а тоа многу добро го знаат купувачите ние не можеме да бираме. Треба да се стават правила на игра, да се потпишат долгорочни договори и земјоделците да бидат заштитени исто како и откупувачите,"

вели Данаилов.
XS
SM
MD
LG