Достапни линкови

ЕЛЕМ бара 40 насто, премиерот гарантира поскапување не повеќе од 15 насто - експертите збунети


Се очекува уште да пресече регулаторнта акомисија околу конечниот процент за кој од наредниот месец струјата ќе ја плаќаме поскапо. Премиерот лично гарантираше преку медиумите дека она што ќе го почувствуваат потрошувачите нема да биде повеќе од 16 проценти иако ЕЛЕМ бара поскапување од 40 проценти. Засега ниту на експертите не им се јасни ваквите пресметки:

„Ако овој побара 40 насто, а тој вели дека ќе се одрази 15 насто, не ми е јасно,“

вели професорот Константин Димитровски. Од регулаторната комисија потврдуваат дека ЕЛЕМ побарал поскапување од 40 проценти на производната цена на струјата за што ќе се расправа во текот на овој месец.

„Кон крајот на месецот ќе има подготвителна седница и се очекува заинтересираните правни, физички лица, да достават свои ставови и сугестии во однос на барањето на ЕЛЕМ,“

вели претседателот на регулаторната комисија Славе Ивановски. Премиерот најави покривање на трошоците со државни субвенции како утеха за крајно истоштените граѓани погодени од многуте поскапувања оваа година.

„Мислам дека и онака струјата е скапа, не би требало да се поскапи, да се најде друго решение.“
„Нереално е 15-16 насто, а камо ли 40 насто.“
„Тој си прави терен, сега вика 15, а во до 40 ќе дојде.“


Ваквите сомневања ги потврдува и професорот Димитровски. Веќе подолго време укажувајќи на неможноста да продолжи социјалното третирање на цената на електричната енергија во земјава, тој исто така очекува дека поскапувањето ќе продолжи.

„Тоа се психолошки елементи. Одите чекор по чекор, 15, па уште 15, па уште 15. Граѓаните да очекуваат, да има континуитет во поскапувањето и да размислуваат за можните мерки како тие да си помогнат, а тоа е сопствено штедење на електрична енергија во домоците.“

Поскапувањто на електричната енергија е очекувано, потребно и во согласност со она што го наложува пазарот. Сегашната цена не нуди можности за проширена репродукција, вели Димитровски. Државата најави социјални пакети за да ги заштити социјално загрозените граѓани од новото поскапување. До реализирањето на засега само најавената социјална помош која треба да стартува од идната година, најголем дел од македонските граѓани и оваа есен ќе се борат со енормните трошоци кои повеќекратно ги надминуваат нивните примања.
XS
SM
MD
LG