Достапни линкови

Проблемите не може да се решат до локалните избори, оценуваат аналитичарите


Веќе подолг период, опозициските партии од македонскиот политички блок се обидуваат внатрешно да се консолидираат,а од пред неколку дена и во Демократската партија на Албанците се најавува дека дел од членството и раководството ке си замине од партијата, односно дека екс министерот за здраство Имер Селмани ќе формира нова политичка партија. Овие внатрешно политички проблеми во партиите надвор од власта, не можат да се решат до локалните избори, посочуваат дел од експертите. Причината според политикологот Владимир Мисев е што политичките парии без разлика дали се на власт или опозиција сеуште влечат корени од социјалистичкиот период, односно како што вели тој се со силно изразени лидери.

„Токму тие лидери не дозволуваат партиите одвнатре да се преродат, односно да продуцираат кадри кои би ги замениле постоечките кадри во моментите кога се потребни нови лица. Во овој момент, партиите немаат време пред локалните избори да го спроведат ова, но на долг рок, кога би ги развиле локалните ограноци во другите градови ситуацијата би била поинаква.“

Мисев исто така додава дека на краток рок овие проблеми кои се појавија внатре во политичките партии од опозицијата нема да имаат влијание врз политичката сцена.

„На краток рок нема да промени ништо, но на среден рок ќе промени. Се прават промени во политичките партии внатре и потребно е да се појави незадоволство од актуелната власт. Токму тие граѓани ќе се обидат да ги придобијат партиите во опозиција, а единствен начин да ги придобијат е самите да се реформираат. На среден рок, тоа би поставило контра тежа на актуелната власт и се надевам на позитивна насока од интерес за државата.“

Проблемот за немањето на консолидација внатре во партиите аналитичарот Алберт Муслиу го гледа во отсуството на објективни анализи на електоратот, односно како што вели Муслиу самите партии да можат да утврдат кои се причините за добивањето или пак губењето на изборите.

„Такви движења имало малку, да кажам можеби кај албанските политички партии можеби воопшто немало. Кога се губи на избори, тешко е да се идентификува кој е кривецот. Штом не може да се идентификува виновникот се појавуваат обвинувања, дежурни виновници итн.“

Изјави Муслиу и додаде дека овие внатрешно политички проблеми со кои се соочува опозицијата имаат влијание врз политичката сцена во Македонија.

„Ако вие имате неконсолидирана опозиција, тогаш власта не го сфаќа ризикот од истите тие да изгубат на следните избори,“

вели Муслиу.
XS
SM
MD
LG