Достапни линкови

Денеска Мек Кејн и Пејлин и официјално ќе ја добијат номинацијата


Американскиот претседател Џорџ Буш го поддржа Џон Мекејн за претседателски кандидат на неговата Републиканска партија. Мекејн и неговиот избор за потпретседател Сара Пејлин денеска на Националната конвенција на републиканците треба и официјално да бидат номинирани за против кандидати на тандемот на демократите Барак Обама и Џо Бајден на изборите во ноември годинава.

,,Подготвен да ја предводи својата нација,,. Со овие зборови американскиот претседател Џорџ Буш ја поддржа претседателската кандидатура на неговиот сопартиец Џон Мекејн на конвенцијата што се одржува во Сент Пол, Минесота. Во обраќањето преку сателитска видео врска, претседателот Буш го оцени Мекејн како независен и храбар американец кој знае како да ги заштити Соединетите држави по терористичките напади од пред седум години.

„Живееме во опасен свет и ни треба претседател кој ги разбира лекциите од единаесетти септември две илјади и првата: да ја заштити Америка. Мораме да бидеме подготвени за можен напад, да го спречиме пред да се случи и да не чекаме повторно да бидеме нападнати. Човекот што ни треба е Џон Мекејн. “

изјави претседателот Џорџ Буш кој ја откажа претходно планираната посета на републиканската конвеција во Сент Пол со образложение дека мора да раководи со подготовките и одбраната од ураганот Густав кој деновиве ја зафати американската држава Луизијана. Џон Мекејн и неговиот избор за потпретседател Сара Пејлин денеска и официјално треба да ја прифатат републиканската номинација за да се соочат со кандидатскиот тандем на демократите Барак Обама и Џо Бајден на изборите за иден американски претседател на четвртти ноември годинава. Токму изборот на потпретседатели во последен момент, односно пред конвенциите, според аналитичарите, им ја даваат на претседателските кандидати толку потребната рамнотежа во нивниот имиџ пред партиските членови, но и пред американскиот електорат. Така над седумдесет годишниот Џон Мекејн ја избра младата конзеративна гувернерка од Аљаска Сара Пејлин, прва жена која воопшто досега републиканците ја носат на ваква висока позиција. Кај демократите пак младиот Барак Обама за свој заменик го избра сенаторот од Делавер Џо Бајден кој има неколкудецениско искуство, пред се во надворешните односи. Инаку, според американскиот устав, потпретседателот има само две поважни одговорности. Претседава со Сенатот, но го дава својот глас само доколку гласањето на сенаторите е нерешено и ги презема ингеренциите на претседателот доколку тој од која и да е причина не го доворшил мандатот. Во поголемиот дел на американската историја, потрпретседателите имале многу мала улога. Сепак, во изминативе две децении изгледа дека тоа веќе не е така. Имено, за демократот Ал Гор и за републиканецот Дик Чејни се оценува дека биле најмоќните потпретседатели во американската историја. Како и да е, постојат малку докази дека изборот на потпретседател може да биде пресуден и при конечната определба на гласачите за тоа кој ќе влезе во Белата Куќа.
XS
SM
MD
LG