Достапни линкови

Кога Брисел ќе сфати дека Москва повеќе не слуша?


Русија ги отфрли чекорите на Европската унија за кризата во Грузија, додека Соединетите држави ги поздравија како вистински потези за решавање на проблемот. Сепак, најпозитивното од вчерашниот вонреден самит во Брисел, според коментаторите, било избегнатото неединство на членките на Унијата во врска со руско, грузискиот конфликт.

Рускиот амбасадор во Европската унија Владимир Чизов ја отфрли одлуката на Европската унија за одложување на разговорите за ново стратегиско партнерство со Москва доколку Русија не ги повлече своите трупи од Грузија. Амбасадорот Чизов прецизира дека на Русија веќе толку не и е потребен партнерски договор колку што тој и потербен на Европската унија. Најновите чекори, според него, нема да придонесат за кредибилитетот на Унијата како партнер на Русија. Од друга страна американската Бела Куќа ги поздравија одлуките на Европската унија.,,Вонредниот состанок во Брисел покажа дека Европската унија и Соединетите држави се обединети во ставот и во настојувањето да го зачуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Грузија,, се наведува во соопштението на Белата Куќа во кое се додава дека Вашингтон ќе соработува со Брисел и оти ќе учествува на меѓунродната конференција за реконструкција на Грузија. Лидерите на Европската унија во Брисел го осудија чекорот на Москва да ја признае независноста на грузиските сепаратистички региони Јужна Осетија и Абхазија и изразија готовност за разместување стотици цивилни посматрачи кои би го надгледувале повлекувањето на трупите. Францускиот претседател Никола Саркози, актуелен претседавач на Унијата најави дека во следниот понеделник ќе престојува во Москва на разговори за спроведување на мировниот план.

„Европската унија мора да продолжи да ги преиспитува последиците од оваа криза врз нашите односи со Русија и затоа разговорите на осми септември во Москва ќе бидат клучни за идните врски меѓу Русија и Унијата. Враќањето на сфери на интереси веќе не е прифатливо. Јалта е минато.“

Оцени францускиот претседател Саркози. Деновиве пак, рускиот претседател Дмитри Медведев во интервју за руската телевизија со јасен став:

„Светот би требало да биде мултиполарен. Еднополарноста е недопустлива. Не можеме да прифатиме светски поредок во кој сите одлуки се донесуваат од една земја, макар тоа да се и Соединетите држави.“

Оцени Медведев, повторувајќи дека Москва колку што е можно ќе ги продлабочува односите со Брисел и Вашингтон. Како и да е, вчерашниот вонреден самит на Унијата, според коментарите во западниот печат, успеал само поради тоа што се покажало европското единство. Но, засега и навреме за да може Саркози тоа да го соопшти во вечерните телевизиски вести, пишува Њујорк тајмс, потсетувајќи дека единствените вонредни самити на Унијата досега беа по терористичките напади врз Америка и по американската интеревенција во Ирак. Вол стрит џрнал под насловот: Запрете, или пак ќе ви кажеме да запрете, прашува: Кога Брисел ќе сфати дека Москва веќе не слуша.
XS
SM
MD
LG