Достапни линкови

Абдилаким Адеми, вицепремер задолжен за спроведување на Рамковниот Договор. Не сум задоволен од правичната застапеност на етничките заедници во институциите


Г-дине Адеми со каква динамика ќе се спорведува Охридскиот Рамковен договор, додека сте вие прв човек на секретаријатот?

Охридскиот Рамковен договор има динамика која е зацртана во самиот документ, меѓутоа во почетокот имаше застој во имплементацијата на договорот. Секоја влада во своите врвни приоритети ја има секако неговата имплементација и во таа насока приоритет на оваа влада е спроведување на Рамковниот договор до крај. И затоа го усвоивме Законот за употреба на јазиците, меѓутоа во неколку области Рамковниот договор е процес кој треба да трае подолго, особено кога се има предвид адекватната застапеност на сите етнички заедници. Во однос на тој процес планираме за четири години и адекватната застапеност да биде на ниво според нивната процентуална застапеност во општеството.

Кога станавте вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот Рамковен договор, најавивте и негова ревизија. Што значи тоа, на што ќе бидете фокусирани?

Ние првично сакаме да направиме анализа на сите закони кои произвлегуваат од Охридскиот Рамковен договор, колку тие се имплементриаат во пракса, колку ја постигнале својата цел, дали има проблеми во нивното спроведување и дали се тие од човечка или финансиска природа итн. Значи сакаме да направиме анализа колку тие се спроведуваат во пракса и колку ја постигнале целта. Значи тоа е наша цел, а не ревизија на Охридскиот договор.

Го споменавте Законот за употреба на јазиците. Тој е усвоен, претседателот Црвенковски го потпиша... Кога овој закон треба да стапи во сила и дали ги има потребните предуслови за негово спроведување?

Законот стапува во сила осум дена по неговото објавување во Службен весник, значи може да се смета дека тој е веќе во сила. Првиот предизвик ќе биде негово имплементирање во работата на Собранието, бидејќи е предвидено материјалите да се преведуваат и на албански јазик, а Собранието сега за сега нема такви капацитети. Јас остварив средба со претседателот на Собранието Трајко Вељановски и се договоривме ние како Секретаријат да му помогнеме во тој процес, значи ќе отвориме оглас за прием на 15 преведувачи кои ќе работат во Парламентот, како и за поставување на софтвер кој автоматски ќе ги преведува документите од македонски на албански јазик. Секако дека законот ќе треба да го имплементираат и други институции, меѓутоа мислам дека капацитетите треба уште да се надградуваат.

Како го коментирате одноносот на вашиот опонет ДПА, тоа што пратеничката група најави дека ќе се врати, а сеуште ја нема во пратеничките клупи?

Мислам дека тие одбраа погрешен правец, меѓутоа тоа е нивна политичка одлука и за тоа сигурно ќе одгораваат. Меѓутоа тие треба да се вратат во Собранието, бидејќи нивниот придонес може да биде поголем во Собранието, можат да ни помогнат нам како власт, бидејќи знаеме дека опозицијата е коректор на власта, а се додека се надвор од Парламентот не ќе можат да не контролираат како власт. Затоа ги повикувам што побрзо да се вратат во Собранието и да дадат придонес во политичкиот процес.

Што е со законот за полиција и законот за употреба на знамињата? Кога станавте коалиционен партнер со ВМРО ДПМНЕ беше речено дека е договорено овие прашања да не се отвараат. Останувате сеуште на оваа позиција?

Ние имаме договор некои прашања да се решат веднаш, како што беше законот за употреба на јазиците и да продолжиме со приоритетите за целосна имплементација на Рамковниот договор, меѓутоа за некои прашања изразивме подготвеност да се отворат подоцна, тоа значи да имаме предуслови да создаваме доверба меѓу коалиционите партнери, дека функционираме добро како Влада, како парламентарно мнозинство, како институции итн, па потоа да се отворат тие прашања. Тие не се затворени, законот за полиција треба да се имплементира доколку во пракса се докаже дека не е ефикасен, може и да се менува.

Задоволен ли сте г-дине Адеми од начинот на кој се реализира стратегијата за правична застапеност на припадниците на етничките заедници во државните институции?

Јас побарав информација за 2007 и 2008 година колку припадници на етничките заедници се вработени преку Секретаријатот, и добив информација дека во 2007 година се вработени само 415 лица, додека во 2008 година нема ниту еден вработен преку Секретаријатот. Така што неможам да бидам задоволен со оваа година и презедов мерки за отварање на огласи за нови вработувања.

Дали според вас принципите на кој почива Охридскиот рамковен договор се предуслов за внатрешната стабилност во државата?

Секако Охридскиот Договор не само што го прекина конфликтот, туку помага во внатрешната кохезија на земјата, со еден збор помага етничките заедници да бидат полојални кон држата. Затоа мислам дека Охридскиот договор не само што ја стабилизираше Македонија, туку помагаше и во процесот на интеграција на земјата и во НАТО и во ЕУ. Да не заборавиме дека во 2005 година меѓудругото и заради спроведувањето на Охридскиот договор добивме статус на кандидат за членство во ЕУ.

Можеме ли да кажеме дека седум години по потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор, меѓуетничките односи во земјава се релаксирани?

Јас ова прашање го разбирам како процес, кој неможе да заврши за еден ден, една година или ако сакате и седум години. Процесот е долготраен и сите и како личности и како институции треба да работиме да се имплементира што побргу, меѓутоа во Македонија има предуслови меѓуетничките односи квалитетно да се подобруваат.
XS
SM
MD
LG