Достапни линкови

Виновни се луѓето кои го водат МОК и спортот во Македонија, сметаат дел од спортистите


29-тите ЛОИ во Пекинг уште еднаш ја покажаа ни малку пријатната вистина за македонскиот спорт. Додека за целиот свет, најголемиот планетарен настан беше можност за уживање, за нас истиот беше сурово соочување со реалноста во која, со исклучок на натурализираниот борач во слободен стил Мурат Рамазанов, кој го освои седмото место, сите наши адути беа на дното. Уште попоразителен е фактот дека тие го дадоа максимумот, но и тоа се покажа недоволно за подобра оценка од таа дека сме статисти на големата сцена. Ни малку пријатен епилог од нашиот настап на ОИ, натпреварување од кое имаме и медали, како оној на Стојна Вангеловска, капитенот на кошаркарската репрезентација на екс СФРЈ која пред 20 години во Сеул освои сребро. Успех кој е незамислив за денешните македонски спортисти, но кои, според Вангеловска, не се виновни за она што се случи, затоа што...

„Спортистите се оставени сами на себе, оставени се на својот талент, без никаква надградба, без никаков статус. Ако се земе дека и спортските федерации и нашите клубови се наоѓаат на ниво кое не го задоволува потребното ниво, ќе дојдеме до заклучок дека резултатите се вистинска и реална можност на спортистите кои ја претставуваат нашата држава.“

вели Вангеловска, додека за Зоран Шоров, последниот роден Македонец со медал од големо меѓународно натпреварување во борење, бронзата од ЕП во Германија пред 17 години, и ова е многу кога нема стратегија за развој на спортот.

„Дебаклот го доживеаа нашите спортисти, поради луѓето кои го водат МОК и општо спортот во Македонија. Не може повеќе да очекуваме. Се бавиме со некои непотребни работи, а она што беше суштински, да овозможиме на спортистите што подобра подготовка не успеавме да го направиме, па така нашите спортиски доаѓаат со наведнати глави,“

изјави Шоров.

Според него за работите да тргнат на подобро прво треба да се расчисти со раководствата во федерациите кои немаат капацитет за фаќање чекор со воспоставените светски стандарди. А за такво нешто, според Вангеловска:

„Треба да постои политичка волја. Треба да се создаде финансиска рамка за финансирање на спортот,“

додаде Стојна Вангеловска.
XS
SM
MD
LG