Достапни линкови

Западните сили ги разгледуваат опциите за одговор


Западните сили ги разгледуваат нивните опции за тоа како да одговорат на руското признавање на грузиските сепаратистички региони Јужна Осетија и Абхазија за независни земји. Официјален Вашингтон веќе најави извесни чекори во Обединетите нации, додека Европската унија закажа итен состанок за први идниот месец. Во меѓувреме, продолжуваат обвинувањата меѓу Москва и Тбилиси за грузиската криза.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс исклучи секаква можност рускиот потег да биде прифатен од Обединетите нации и додаде дека меѓународната заедница ќе продолжи да ги смета Јужна Осетија и Абхазија како дел од Грузија.

„Се додека Соединетите држави се постојан член на Совет за безбедност, ова нема да мине и затоа во согласност со другите резолуции на Советот кои се во сила, Абхазија и Јужна Осетија се во меѓународно признатите граници на Грузија и така и ќе остане.“

Изјави Рајс. И амбасадорот на Грузија во Обединетите Нации Иракли Аласанија смета дека најновиот руски потег нема да го смени ставот на меѓународната заедница за суверенитетот на Грузија:

„Ако сега ваквите акции бидат прифатени од меѓународната заедница, тоа ќе значи дека странски сили и групи насекаде во светот ќе можат со употреба на сила да ја остварат целта и да бидат наградени со независност.“

Рускиот амбасадор во Светкста организација Виталиј Чуркин пак, на став дека Абхазија и Јужна Осетија имаат повеќе право на независност од Косово.

„Предупредувавме дека Косовската декларација дополнително ги поттикнува сите оние што работат на нивна независност. Лично мислам дека Абхазија и Јужна Осетија имаат повеќе причини и подобра легална основа да бидат независни отколку Косово.“

Изјави амбасадорот Чуркин додавајќи дека Русија не планира да ја признае независноста на Косово. Рускиот претседател Дмитри Медведев за денешен Фајненшал Тајмс вели дека немал поинаков избор од признавање на Јужна Осетија и Абхазија откако, како што наведува, западните држави во почетокот на годинава, и покрај руското противење, ја признале Косовската еднострана декларација за независност од Србија. Медведев го обвинува Саакашвили за сегашната криза, додавајќи дека Русија испратила свои сили во Грузија за да спасуваат животи откако грузиските војници ја нападнале Јужна Осетија. Во меѓувреме, грузискиот претседател Михаел Саакашвили ја обвини Русија дека се обидува со сила да ги менува границите во Европа. Тој и со обвинувања до Москва дека продолжува да врши етничко чистење во Јужна Осетија и Абхазија.

„Ова е прв пат во Европа по нацистичка Германија и по Советскиот Сојуз на Сталин, една голема земја, унилатерално, со употреба на сила, најпрвин да го уништи соседот и да анектира региони и да менува граници.“

Изјави претседателот Саакашвили, оценувајќи дека Русија направила незамисливи стратегиски грешки кои и наштетија на нејзината позиција во модерниот свет и оти Москва наскоро ќе добие вистински одговор од меѓународната заедница. Во меѓувреме, американскиот претседател Џорџ Буш ја повика Москва да ја преиспита, како што ја нарече, неодговорна одлука. Европската Унија пак, најави дека ќе ги испита последиците од најновиот руски чекор и оти ќе одржи итен самит за ова прашање во идниот понеделник.
XS
SM
MD
LG