Достапни линкови

Зоран Заев, потпретседател на СДСМ. Патриот е тој што ќе ја зајакне економијата а не тој што отвара нови прашања во разговорите за името


Г-дине Заев сеуште сте потпретседател на СДСМ, и по најавата на претседателот Црвенковски дека ќе се „сретнат“ со Груевски на парламентарни избори, или отпадна таквата идеја?

Значи, СДСМ беше дојден до фаза да бара единствен кандидат меѓу кои во моментот пред притварањето бев единствен за кој што се разговараше, како можен потенцијален единствен кандидат на СДСМ. И тоа во разговорите е стасено дотаму. Јас очекувам дека во најскоро време ќе продолжат консултациите во партијата. Единствена цел и моја, а верувам и на сите други, е да имаме конгрес во кој што ќе покажеме единство што ќе биде одлична основа за иднината на партијата која што во многу работи во иднина полека ќе треба да го враќа својот рејтинг, а доколку моите сопартијци одлучат јас да бидам тој кандидат, јас ќе се нафатам да ја извршувам оваа функција- претседател на СДСМ.

Сеуште стоите на ставот дека ќе прифатите да бидете кандидат само доколку сите членови на партијата се обединат околу тоа?

Доколку се јави друг кандидат за кој што верувам дека исто така доинствено како мене ќе може да се носи со оваа работа, прв ќе застанам зад него во функција и на единството во партијата, и во она што преставува можност да бидам во овој случај повторно кандидат за градоначалник на Струмица.

Што можете да понудите вие поразлично од Шеќеринска, за да го извлечете СДСМ од кризата во која што се наоѓа?

Знаете не е нешто различно, заради тоа што и Шеќеринска како претседател и сегашното цело раководство почнавме да менуваме многу работи во партијата. Но овие година и четири месеци од новото раководство на СДСМ беа премногу малку временски гледано, за да може да се препознаат новите работи. СДСМ почна за прв пат да работи на нова политичка идеолошка програма, која треба целосно да не врати на местото каде што припаѓаат левите партии, а тоа е секојдневна потполна ориентација кон работниците, земјоделците, пензионерите.. принципиелно за левите партии насекаде, дури и под изговор бизнис секторот и стопанствениците пополека да се одалечуваат од нас. Голем дел од оваа програма е завршена, но поради предвремените избори не беше ниту објавено, ниту довршено она на што се работеше. Вториот дел се коренити системски промени во партијата, кои што прво мора да значат промена на нашиот партиски устав, а тоа е статусот на партијата. Овде и нашето членство но пред се и граѓанството, очекува многу работи да се променат во СДСМ кои што досега не можеа практично да се менуваат поради самата статутарна поставеност на партијата. Тоа значи одредени работи ќе бидат прифатени дури и како конкретни чекори кои што ВМРО ДПМНЕ ги имплементира досега, ги препознавме како добри и ќе ги прифатиме, едноставно ќе ги внесеме во нашиот статус, а тоа е поставувањето на претседатели по општински организации, а другиот дел е максимална децентрализација на партијата по однос на одлучувањето.

Споменавте дека сте биле во фаза на дефинирање на приоритети, програма... Што може да понуди СДСМ ново на економски план. Имате ли во оваа област програма, или допрва треба да дефинирате поконкретно?

Она што претставува најважен сегмент во оваа програма, затоа што се работи не за предизборна програма, туку за идеолошка програма, а досега невидено во државата е внатрешните ресурси во Македонија и ставење во функција на економијата. Дај боже ние да влеземе во овој европски пазар, со членството во ЕУ и НАТО, но во секој случај ние сме единствена држава која што незнае да ги искористи сопствените ресурси. Во многу работи се разликуваме од целиот Балкански регион и од сите европски држави. Не само во делот на користење на своите ресурси како што е градежното земјиште или земјоделското земјиште како најголем ресурс во Македонија, туку и самите финансиски можности кои што постојат внатре како фактор на развој на државата. Голем дел од нашата економија после 17 години транзиција создаде можност, огромен капитал на слободни пари, да не се чуваат ниту во Банките, туку ,,под перници“ во сефови и немаат никаков позитивен удел во македонската економија. Она кон кое што максимално ќе се фокусираме во иднина, е овие ресурси да ги искористиме. Не е само јавното приватно партнерство како можност да му дадеме малку послободно на домашниот инвеститор, има поголемо спокојство кога ќе биде партнер со една јавна институција за да може да се охрабри и да ги инвестира своите пари.

За прв пат СДСМ е заедно во опозиција со ДПА. Досега вашите односи беа многу лоши, почнавте ли со контакти, може ли да се очекува соработка со Тачи?

Во политиката секој пат ја споредувате подготвеноста на политичарите да разговараат на теми – Македонија. СДСМ одсекогаш била многу поширокограда и многу ,,голема“ во овој поглед во соработката со партиите од другите етнички заедници и по тоа сме претпознатливи. Ако некој може да каже дека ќе седне со секој на маса, тоа е СДСМ. Ние немаме предрасуди! Со ДПА како партија која има таков потенцијал на свои гласачи, треба да се разговара. Без разлика дали е тоа како партнер во опозиционо делување, или како партнер за време на заедничко владеење, или спротивно едните да бидат власт, другите опозиција... значи без разлика секогаш треба да се разговара во државата. Ние сме поддржувачи на дијалогот и мислиме дека во овој момент ќе бидеме пример како треба да соработуваат партиите во државата. Со ДПА јас лично мислам, како сегашен потпретседател, дека сигурно во иднина ќе има соработка, затоа што на Македонија и треба здрава опозиција.

Г-дине Заев доколку сега сте на местото на Груевски, како ќе ја водите политиката во однос на спорот со Грција за името. Може ли да се реши проблемот според вас и како на кој начин?

Знаете, ова треба да излезе како мислење на претседател на партија. Јас имам претседател на партија кој премногу го почитувам и во делот на своето искуство и добронамерност на државата. Во овој дел Македонија треба да направи отстапка заради тоа што толку ни е тешка економската состојба во државата, а гледаме дека изолацијата кон Македонија дополнително ќе се заострува, посебно од страна на Грција и поддржувачите на Грција. Ќе биде многу лошо за иднината на македонските домаќинства. Мислам дека во овој дел, она што треба да прифатиме е компромис во делот на меѓународната употреба на името, во меѓународните институции. Иако СДСМ досега немаше некој конкретен став во однос на овој проблем, а ние како левица треба да имаме секогаш став. Нашиот став би бил да се прифати одредено решение за меѓународна употреба. Не верувам дека постои политичка партија во државата, која што ќе има храброст да разговара за македонскиот идентитет, култура, јазик итн. Но, она што можеме да се договориме, отстапница за делот на меѓународната употреба на името во сите меѓународни институции и мислам дека тука треба некој пат ,,да си свиткате кичма“ како што знаат да речат старите. Нас премногу ние е важна економската иднина на граѓаните. Патриот не е оној кој што во ова време го отвара егејското прашање и прашањето со црквата. Патриот во државата е оној што ќе обезбеди достоинствен живот на граѓаните, малку подобро економско спокојство во секојдневието на македонските домаќинства, а кога ќе бидеме дел од ЕУ и НАТО, тогаш можеме да отвориме се што со години наназад, со векови наназад, не мачело ни ,,стоело на плеќи“ како огромен проблем со кој што сите заеднички сме сочувствувале или заеднички сме размислувале, како да биде решен.

Според вас кој се најголемите проблеми во земјава и каде најмногу греши владеачкото мнозинство?

Најголемиот проблем во државата е економијата и тоа е дефинирано во сите јавни анкети од страна на граѓаните. преку 90% од луѓето велат дека тоа е невработеноста, тешката економска состојба, немањето на пари итн. И овде треба да биде фокусирана максимално работата на една извршна власт. Нашата влада, прво нема капацитет, со владата работат луѓе кои што не поминале еден дел од стопанството. Тие пред се незнаат како е на први да обезбедиш плата, за 100-200 работници, а први доаѓа многу бргу. Досега тие луѓе само чекаат да дојде први и тие да земат плата. И одовде произлегува, никавата храброст, потенцирам никаквата храброст, да се стават сите наши ресурси во функција на развојот.

Може ли да изводите една работа која што ја сметате за најголема грешка на оваа влада?

Немањето дијалог со опозицијата. Ова е дефинитивно најголема грешка на владата. На било која власт, дали е извршна или локална, ако не си дозволи да добие чесен ,,коректив“ на своето работење, тогаш ќе ни се случи ова што ни се случува денеска - нашиот премиер е ,,летнат во облаците“ едноставно само го интересира личниот рејтинг и рејтингот на неговата партија, без разлика што секојдневно се губат перспективите на Република Македонија, и на сегашните генерации и на идните генерации.
XS
SM
MD
LG