Достапни линкови

logo-print

Државниот врв изгради усогласена позиција, но нема детали


Во пресрет на утрешната посета на медијаторот Метју Нимиц, македонскиот државен врв не открива информации околу идеите за кои било раговарано на вчерашната консултативна средба. Иако преку соопштение во јавноста беше објавено дека е изградена усогласена позиција околу последните идеи од страна на Нимиц, нема информации за тоа кои се тие идеи. Од кабинетот на претседателот велат дека е вообичаена пракса пред доаѓањето на посредникот, во јавноста да не се изнесуваат подетални информации за оваа тема и да не се шпекулира за евентуалните предлози за кои било дискутирано. Сепак според нашите извори, на средбата најверојатно се разговарало за предлозите горна Македонија и северна Македонија, кои како што јавија грчките медиуми ги понудил Нимиц на последната средба со преговарачите во Њујорк.
Во фокусот на утрешната средба би требало да биде името за надворешна употреба што ќе ја замени референцата БЈРМ, а кое според досегашните изјави на македонскиот врв нема да задира во националниот идентитет.
Зошто државните институции молчат? Отсуството на официјални информации во македонската јавност според експертите е резултат на повеќе фактори

„Јас сум скептичен колку ставовите се усогласени и колку државниот врв има унифицирана позиција, ако се следат реакциите на претседателот и премиерот во последните недели. Но, од друга страна, во Македонија постои отсуство на комуникација на државниот врв со јавноста и медиумите,“

вели политикологот Дане Талески

Во ставот на официјалните власти дека поради чувствителноста на прашањето за името не треба да се изнесуваат детали додека траат преговорите, според Талески не ја оправдува затвореноста на институциите.

„Заради чувствителноста на прашањето не треба сигурно да се откриваат сите детали и позицијата и стратегијата. Но, токму затоа што е чувствително прашање, за да се затвори ќе биде потребен силен граѓански консензус.“

Во меѓувреме во јавноста се забележуваат и различните позиции на шефот на државата Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски во поглед во однос на евроатланските интеграции на земјава. Неодамна претседателот изјави дека на долг рок Македонија не смее да остане надвор од меѓународните организации како НАТО и ЕУ. Премиерот Груевски пак неодамна изјави дека невлегувањето во НАТО не треба да не загрижува.
XS
SM
MD
LG