Достапни линкови

ССМ и Конфедерацијата на независни синдикати со спротивни ставови


Иако шефот на државата Бранко Црвенковски не го потпиша законот за работни односи како еден од спорните што пратенициите ги изгласаа, извесно е дека тоа ќе се случи откако на наредната собраниска седница повторно ќе се расправа за овие закони. Сојузот на синдикати на Македонија реагира на итното донесување на законот за работни односи со кој како што велат се намалуваат правата на работниците.

„Претседателот на државата, со непотпишување на указот по наше барање, направи добар потег, но доколку Собранието, како што се најавува на 25-ти повторно, на ист начин го донесе законот, тогаш навистина ништо не сме постигнале, тоа ќе биде една голема игра на политичарите и голем минус за демократијата во Македонија,“

изјави Пеце Груевски од Сојузот на синдикати

Забелешките на сојузот се однесуваат на неколку измени во законот за работни односи.

„Пред се се однесува на правото на годишен одмор, кое е намалено на минимум 20 дена, потоа, на неможноста работникот да има увид во тоа дали работодавачот му ги уплаќа придонесите или не и околу технолошкиот вишок, работодавачот да може да го пополни работното место со друг работник наредниот ден откако ќе прогласи технолошки вишок.“

Политички маркетинг, вака од Конфедерацијата на слободни синдикати ги коментираат барањата на Сојузот. За првиот човек на конфедерацијата, Раско Мишковски последната верзија на законоте многу подобра од претходната.

„Има на пример некои членови кои се драстично подобрени. Ова повеќе е маркетинг на ССМ за да се оправда кај нивното членство.“

Барањата на Сојузот на синдикати законот да се врати на разгледување во Економско-социјалниот совет, во кој членува Сојузот, организацијата на работодавачите и министерот за труд и социјална политика, за конфедерацијата на слободни синдикати е неприфатливо.

„Тој веќе две – три години функционира нелегитимно. Таму треба да учествуваат сите репрезентативни организации, а каде сме тогаш ние?“

Инаку, при последната средба на известувачот на Европскиот Парламент за Македонија Ерик Маер со раководството на Сојузот на синдикати, тој порача дека е штетно Владата да носи одлуки без консултации и учество на сите синдикати во земјава.

„Решенијата во законот треба да бидат донесени заеднички со владата и сите синдикати и не може да се дозволи еднострано донесување на одлуки,“

изјави Маер. Неколку дена подоцна парламентарното мнозинство ги изгласа измените на законот за работни односи.
XS
SM
MD
LG