Достапни линкови

Редуцирање на воената соработка со Русија?


Од денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО, посветен на конфликтот во Грузија, се очекува да биде донесена одлука за редуцирање на воената соработка со Русија со цел да се натера да го почитува примирјето и да ги повлече трупите. Во меѓувреме, и Москва се закани со сличен потег доколку НАТО министрите донесат одлука која нема да биде во согласност со реалноста во Грузија.

,,Русија игра многу опасна игра, но НАТО нема да и дозволи да ги постигне нејзините стратегиски цели во Грузија, поткопување на нејзината демократијата и слабеење на државата,,. Ова го изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс пред денешниот состанок во Брисел на министрите за надворешни работи на НАТО на кој единствена точка на дневениот ред е руската воена интервенција во Грузија. Рајс прецизира дека НАТО мора да и стави јасно до знаење на Русија оти не може да ги блокира поранешните советски републики и другите источноевропски земји потесно да соработуваат со западните институции, како НАТО и Европската унија. ,,Нема да и дозволиме на Русија да повлече нова линија во тие држави кои се уште не се интегрирани во овие структури,, изјави Рајс, која изрази сомневање во врска со руските ветувања за повлекување. ,,На руските сили не им требаше многу време за да влезат и навистина не им треба многу за да излезат од Грузија,, изјави Рајс која додаде дека Франција би можела да бара објаснување зошто рускиот претседател Медведев не сака или не може да го одржи својот збор. Шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер пак вчера во Париз уште еднаш побара повлекување на руските сили од Грузија

„Не сакаме да им се закануваме. Ние сме сериозни. Постои црвена линија, а тоа е повлекување на трупите. Тие потпишаа два документа и мора да ги повлечат војниците.“

Изјави Кушнер. Претходно, рускиот амбасадор во НАТО Дмитри Рогозин прецизира дека со договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на францускиот претседател Никола Саркози, меѓународната заедница презела обврска да почне разговори за безбедноста на Јужна Осетија и Абхазија, а не во овие сепаратистички републики. Тој исто така предупреди на влошување на соработката на Москва со Алијансата, доколку министрите на НАТО не донесат, како што рече, одговорна одлука за конфликтот во Грузија.

„Денес имаме сериозно искушение да го доведеме под прашалник целиот потенцијал на нашата соработка со НАТО. Некои жешки глави решија да ја преземат улогата на ѓаволски адвокат и да го поддржуваат Саакашвили со што се подготвени да му нанесат огромна штета на меѓународниот и на европскиот безбедносен систем.“

Изјави рускиот амбасадор во Брисел Дмитри Рогозин кој додаде дека повлекувањето на трупите ќе зависи од натамошните постапки на претседателот на Грузија Михаил Саакашвили.
XS
SM
MD
LG