Достапни линкови

logo-print

Нема реална политичка алтернатива за ЕУ и НАТО


Самитот на НАТО во Букурешт,во април оваа година придонесе за создавањето на една нова политичка реалност со која Македонија ќе мора да се соочи на сериозен и обмислен начин,истакна шефот на државата Бранко Црвенковски на свеченоста по повод 18 август денот на Армијата на Република Македонија, додавајќи дека иако со години државава беше посветена и вложуваше напори за спроведувањето на реформите за демократска трансформација на земјата, сепак од познати причини како што рече Црвенковски не бевме поканети да станеме членка на НАТО Алијансата.

„Очигледно е дека пречките што ги поставува Република Грција, независно од нивната нелегитимност и непринципиелност, ќе останат во сила се додека не постигнеме взаемно прифатливо решение, за овој наметнат спор. Длабоко сум убеден дека за влезот на Република Македонија во НАТО и ЕУ не постои реална политичка алтернатива. Не верувам ниту дека е можно да се понуди алтернативна политичка платформа, која ќе содржи доволно претпоставки кои ќе значат дека во нејзини рамки, Република Македонија може да стане побезбедна, подемократсака и побогата држава.“

Црвенковски исто така посочи дека Армијата не само што со успех ги исполнуваше сите свои уставни и законски обврски туку стана и незаменлив дел од многу меѓународни воени мисии во светот, каде што рамноправно со армиите на другите држави придонесуваат за мирот и стабилноста.

„Започнувајќи од првите години по нашата независност, реформите во воено одбранбениот сектор ги промовиравме во еден од нашите највисоки политички приоритети. При изведувањето на комплексните зафати во оваа чувствителна област бевме убедени дека таквата трансформација ќе придонесе за стабилизирање на државата, но истовремено и за нејзино интегрирање во пошироките безбедносни и политички системи и организации.“

На ова свеченост свое обракање имаше и министерот за одбрана Зоран Коњановски. Изградивме армија која во секој момент е подготвена да биде дел од Северно Атланската Алијанса и која морално е веќе дел од колективниот безбедносен систем, рече тој.

„Остануваме до крај посветени, на нашата трајна определба и во иднина ќе продолжиме да го даваме нашиот придонес кон светскиот мир, рамо до рамо со нашите партнери и пријатели, со што на најдобар можен начин ќе го јакнеме меѓународниот кредибилитет и углед на Република Македонија.“

Инаку годинава по 16-ти пат се одбележува денот на создавање на Армијата на независна Република Македонија.
XS
SM
MD
LG