Достапни линкови

Саакашвили го обвини Западот дека не реагирал доволно силно да ја спречи руската воена акција


Претседателот на Грузија Микаил Саакашвили вечерва во Тбилиси, во присуство на американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, изјави дека го потпишал договорот за прекин на огнот со Русија. Саакашвили го обвини запад дека не реагирал доволно силно за да ја спречи руската воена акција и за тоа што на Грузија на самитот во Букурешт не доби акционен план за НАТО. Грузија никогаш нема да се помири со окупација на нејзината територија од Русија., рече Саакашвили. Кондолиза Рајс пак изјави дека сега по потписот на Саакашвили сите руски војници и нерегуларни парамилитарни трупи треба да си заминат. Американскиот Претседател Џорџ Буш пак денеска во изјавата од Белата Куќа ја обвини Русија за силеџиско однесување и застрашување на Грузија. Буш рече дека Русија со испраќањето војници во Грузија ја влошила својата меѓународна позиција.

,,Со нивните акции деновиве, Русија им наштети на своите односи со народите на слободниот свет. Силеџиството и застрашувањето не се прифатливи за надворешната политика на 21 век. Само Русија може да реши дали сега ќе се повлече назад на патот на одговорните држави или ќе продолжи со политиката која ветува само конфронтација и изолација. За да ги поправи односите со Соединетите Држави, Европа и другите земји, и да го врати своето место во светот Русија ќе мора да ја почитува слободата на своите соседи."

Грузија ја одбра слободата и нема да биде напуштена, изјави Буш порачувајки дека влошени односи не се од интерес ниту на Вашингтон ниту на Москва. Рускиот Претседател Дмитриј Медведев пак во Сочи на прес конференцијата со германската канцеларка Ангела Меркел ја бранеше одлуката на Москва за акција во Грузија велејки дека ако мора Русија повторно би одговорила на ист начин.

,,Никој не ги негира принципите на територијалниот интегритет како фундаменти на меѓунароното право. Прашањето е за конкретна ситуација во конкретна земја. За жал по се што се случи, тешко дека Осетијците и Абхазијците ке сакаат да живеат во иста држава со Грузијците."

Германскиот канцелар Ангела Меркел пак ја критикуваше руската акција во Јужна Осетија и внатре во Грузија како непропорционална и ја повика Русија да се повлече од Грузија. Рускиот Претседател Дмитриј Медведев истовремено во Сочи оцени дека вчерашниот договор за стационирање на американскиот ракетен штит во Полска, како дел од системот во централна Европа за цел ја има Русија.

,,Ова одлука јасно покажува се што велевме во последно време. Целта е руската федерација и одлуката е донесена во момент кој одговара. Затоа приказните дека тоа е одбрана против други проблематични земји не држат."
XS
SM
MD
LG