Достапни линкови

Македонија трба да ја искористи поддршката од САД, сметаат аналитичарите


Македонскиот државен врв се уште нема информации за тоа дали денеска во Њујорк ќе се одржи заедничка средба меѓу преговарачите Димитров и Василакис
со преговарачот Метју Нимиц. Она што е извесно е дека во правец на продолжување на преговорите и изнаоѓање заедничко решение Нимиц ќе ги посети Скопје и Атина наредната недела. Македонските власти велат дека информации од последната средба Нимиц-Димитров нема да има се додека македонскиот преговарачки тим не пристигне во земјава и детално не ги пренесе деталите од средбата.

По вчерашната средба во Њујорк, медијаторот изјави дека се разговарало само за името, иако како што додаде многу други прашања се поврзани со него.
Нашите разговори се секогаш конкретни – дали се работи за нови идеи или варијации на идеи. Нема да кажам што ќе донесам, но имавме интензивна дискусија. Им кажав каде мислам дека сме и кој пат да го фатиме за да направиме некаков напредок, изјави Нимиц, без да прецизира кога прашањето ќе се реши. Доцна синоќа по средбата со медијаторот, и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис изјави дека се надева оти умереноста ќе претежне во нашата земја и дека ќе се дојде до конструктивно решени. Грчките медиуми денеска јавуваат дека вчерашната средба е прва по внатрешниот судир во Македонија, меѓу како што пишуваат умерениот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, како и по серијата писма до меѓународните организации, за македонско малцинство во Грција, кое зборува македонски јазик.

Домашните аналитичари пак сметаат дека македонската страна треба да покаже поголема подготвеност за компромиси и да ја искористи поддршката од Соединетите Држави. Во таа насока, и изјавата на американската државна секретарка Кондолиза Рајс дека спорот не треба да се испречи на патот на Македонија во НАТО ја потврдува американската поддршка во овој процес:

„Македонија има огромна американска поддршка од администрацијата на Џорџ Буш што треба да се користи. Нема да има толку јаки позиции со било која од двете варијанти, било со Мек Кејн или Обама по ова прашање, иако надворешната политика на САД има еден континуитет,“

вели аналитичарот Ветон Љатифи.
XS
SM
MD
LG