Достапни линкови

Влегувањето на Македонија во НАТО ќе испрати силна порака за интегритетот на малите држави


Влегувањето на Македонија во НАТО ќе испрати силна порака за интегритетот на малите држави. Ова во написот објавен во Интернешнал Хералд Трибјун го оценува Едвард Џозеф од Центарот за Трансатлантски односи, а во врска со руската интервенција во Грузија.

Императив е Западот да испрати јасна и убедлива јавна порака за борбите во Грузија. Без оглед како започнаа, рускиот одговор е претеран и мириса на бруталниот пристап спрема оние што Москва ги имаше под себе за време на Студената војна. Последиците од млакиот одговор на Европа и Соединетите држави ќе се почувствуваат многу подалеку од Грузија и ќе ја потенцираат руската сила, но и американската немоќ. Каков вид на одговор преостанува? Мачните разговори можат или да бидат празни или да ја присилат Москва на поголема конфронтација. Соработката со Русија е клучна во напорите за зауздување на иранските нуклеарни аспирации. Грузија е мала, прозападна земја која очајно сака да влезе во НАТО и која има свои војници во Ирак. Нејзината сигурност е од стратегиска важност за Западот. Всушност постои една брза и ефикасна порака. Решението е НАТО да ја покани Македонија да и се приклучи на Алијансата. Македонија можеби се наоѓа на илјада и двесте милји далеку од Грузија, но нејзин сосед е Косово чија неодамнешна независност Русија ја искористи да ги интензивира тензиите околу Јужна Осетија и Абхазија. И Македонија и Грузија беа разочарани на априлскиот самит на НАТО во Букурешт. И двете таму добија само реторична поддршка од Алијансата. Грузија поради европскиот страв да не се налути Русија. Во случајот со Македонија, причина беше острото противење на Грција. Покрај забелешките за името на Македонија, Атина исто така има блиски односи со Москва и со нејзиниот штитеник Србија. Грчките посматрачи веруваат дека односите со Русија ја охрабрија Атина да заземе таква цврста позиција. Со сегашното поканување на Македонија, НАТО ќе испрати непогрешлива тројна порака до Русија. Прво дека НАТО е решен да го продолжи проширувањето и оти нема да дозволи некој од надвор да го наруши тој процес. Второ, ќе испрати порака од Балканот до Кавказот за интегритот на малите држави и конечно, Москва ќе добие јасен сигнал за нетолерантноста на Западот за таканаречените замрзнати кофликти, без оглед дали тие се во Грузија или кај соседот на Македонија, Косово. Но, како да се убеди Грција дека НАТО солидарноста е поважна отколку името на нејзиниот сосед? Премиерот Караманлис можеби има мало парламентарно мнозинство, но дури и неговата опозиција може да види дека глобалната ситуација е сменета. Освен тоа постои широк пат Грција да си го сочува образот. Според спогодбата што Атина ја потпиша во илјада деветстотини деведесет и петата година, Македонија може да биде примена во НАТО под нејзиното привремено име. Во меѓувреме, Соединетите држави би можеле да побараат од Турција да го прекине пристапот што ја нервира Грција. Имено, Турција истрајува на секој документ на НАТО каде што се спомнува Македонија да стои дека Анкара и го признава нејзиното уставно име. Без оглед какви техники ќе бидат применети за да се убеди Грција, јасно е дека Вашингтон и сојузниците во НАТО мора да дејствуваат брзо. Комбиниран со други мерки, неодложната покана на Македонија за влез во НАТО, е еден од подготвените можни патишта против московската опасна претстава за неказливоста на нејзините акции во Грузија, заклучува Едврад Џозеф во написот објавен во Интернешнал Хералд Трибјун.
XS
SM
MD
LG