Достапни линкови

Страдаат евро атлантските интеграции, оценка на аналитичарите


Домашните експерти сметаат дека недоразбирањата меѓу шефот на државата Бранко Црвенковски и собранискиот спикер Трајко Вељановски околу уставноста на процедурата со која беа донесени спорните закони е резултат на минималната комуникација меѓу овие две институции која во последно време велат, станува се понервозна.

„Комуникацијата меѓу овие два органи е сведена на нервоза, што се пренесува од едниот до другиот орган и обратно, но и како резултат на различната политичка и партиска проминенција на двајцата државни функционери што се рефлектира во извршувањето на службените и државните работи,“

изјави проф. Јетон Шасивари од Штуловиот Универзитет.

Според други пак, различното толкување на Уставот од двете страни е предизвикано и од одредени недоречености во Уставот кои оставаат простор за слободна интерпретација.

„Нашите закони во некои случаи се намерно ставени на интерпретација и тогаш постојат можности за несогласување. Во тој случај, лошо е ако се користат тие недоречености во законите заради остварување на поени во јавноста,“

изјави политикологот Жидас Даскаловски

Политичките аналитичари предупредуваат дека доколку не се надмине ваквата ситуација, таа лошо ќе се одрзи на евроатланските перспективи на државава.

„Со ваквиот начин на комуникација се загрозува угледот на Република Македонија како држава кандидат за членство во ЕУ и НАТО“
„Мислам дека многу лошо влијае на евро атлантските интеграции.“


Покрај спроведувањето на уставни реформи и превентивна контрола на постапката на донесување закони, екепсртите велат дека моменталната политичка криза би можела да се надмине и преку политички отстапки од двете страни.

„За сега, како што стојат работите не може да има правно решение на спорот. Можен е излез само преку политички потези,“

заклучува Шасивари

Вчера претседателот Бранко Црвенковски најави дека ќе стави потпис само на законот за употреба на јазиците, а останатите пет спорни закони нема да ги потпише поради тоа што смета дека Собранието ги изгласало спротивно на пропишаната процедура. Ваквите тврдења од кабинетот на собранискиот спикер Трајко Вељановски ги отфрлија како неосновани и уште еднаш потсетија дека спикерот постапил во согласност со Уставот на Република Македонија.
XS
SM
MD
LG