Достапни линкови

Руските трупи навлегле подлабоко на грузиска територија


Руското министерство за одбрана потврди дека руските сили напредуваат од втората отцепена грузиска област Абхазија, подлабоко на грузиска територија. Руската страна потврди дека се изведува воена операција во грузискиот град Сенаки, на западот од Грузија кој е на 40-тина километри одалечен од Абхазија, за да се спречи прегрупирање на грузиската војска и нови напади врз Јужна Осетија. Грузија соопшти дека руските сили го окупирале грузискиот град Гори кој претходно беше цел на ,,големи напади“ а според информации од грузиското министерство за внатрешни работи борби се водат и во градот Зугдиди. Агенцијата Ројтерс јави дека денеска грузиски хеликоптери извршиле воздушен напад врз главниот град на Јужна Осетија, Цхинвали и покрај соопштението од Грузија дека нејзината војска е целосно повлечена од овој град. Грузискиот претседател Михаел Саакашвили на прес конференција во Тбилиси изјави:

„Русија јасно стави до знаење што е нејзината цел во оваа операција. Целта е не само да се преземе дел од грузиската територија, туку јасно рекоа дека целта на оваа операција е смена на режимот во Грузија.“

рече Саакашвили. Претходно, рускиот премиер Владимир Путин рече дека ,,мировната мисија на Русија„ во Јужна Осетија ќе биде доведена до логичен завршеток и го критикуваше западот бидејќи вистинскиот агресор го смета за жртва, додека претседателот Димитриј Медведев порача:

„Нашата мисија е наша должност. Никогаш не сме биле и нема да бидеме пасивен набљудувач во кавкаскиот регион.“

изјави Медведев.
Москва денеска побара состанок на високо ниво со НАТО за конфликтот во регионот, а рускиот амбасадор во Алијасата Димитриј Рогозин рече дека НАТО мора да се консултира со Русија во врска со ситуацијата во Грузија ,,пред да донесе било каква одлука“. Повик до Русија да прифати прекин на огнот со Грузија и меѓународно посредништво за решавање на кризата, денеска упатија и шефовите на дипломатии на Групата седум најразвиени сили. Во посета на Тбилиси денеска беше францускиот министер за надворешни работи Бернард Кушнер кој понуди мировен план на ЕУ што Грузија го прифатила, по што истиот треба да и биде понуден и на Москва.
XS
SM
MD
LG