Достапни линкови

logo-print

Дали претседателот Црвенковски ќе ги потпише законите кои собранието ги изгласа по втор пат?


Иако е извесно дека претседателот Бранко Црвенковски ќе се врати од годишниот одмор, се уште не се знае дали ќе ги потпише указите за законите кои собранието ги изгласа по втор пат. Во петокот истече рокот од седум дена во кој според Уставот, претседателот има уставна обврска да ги потпише указите пред законите да стапат во сила. Во владата се надеваат дека Црвенковски ќе стави потпис на овие закони. Очекуваме господинот Црвенковски да ги почитува принципите на владеење на правото, на правната држава, уставноста и законите, изјавија од македонската влада.

Според експсртите за законите да стапат во сила, потписот на претседателот е нужен. Но, во Македонија не е невообичаено претседателите да ги држат во фиока законите колку што сакаат.

„Врз основа на досегашната чудна практика, претседателите колку сакаат си ги држат законите, со што всушност што прават? Не се веќе кочница на законодавната власт, туку ја оневозможуваат нејзината функција. Не сум чула во компаративното уставно право, некој претседател да стави вето со образложение дека тоа го прави за да се врати опозицијата во парламентот,“

изјави проф. Гордана Силјановска од Правниот факултет во Скопје. Според неа, претседателот е должен да ги потпише спорните закони.

„Бидејќи во Уставот пишува дека рок за објавување на закони е осум дена. Овие закони спаѓаат во тие.“

Доколку пак, тоа не го направи, политичката криза во земјава ќе се продлабочи, вели Силјановска:

„Во спротивно, ако го крши уставот, јас се плашам дека како што се сега наострени може да покренат и импичмент. Очигледно дека отсуствува комуникација.“

Некои експерти пак велат дека нема опасност од криза, оти рокот од седум дена во кој претседателот треба да ги потпише законите откако собранието ги донело важи само откако шефот на државата писмено го извести претседателот на Собранието дали ќе ги потпише или не. Досега претседателот Црвенковски само усмено потврди дека нема да ги потпише законите за употреба на албанскиот јазик, за лобирање, измените на законот за работни односи, законот за експропријација, за адвокатура и за енергетика.
XS
SM
MD
LG