Достапни линкови

Мирјана Малевска, професор на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Рамковниот договор покажува дека нема територијални решенија за етнчките конфликти


Потребна ли е експертиза на веќе усвоените закони од Рамковниот договор за да се утврди колку тие се имплементираат во пракса, или дали има потреба за измени и дополнувања како што најави новиот вице премиер за Рамковен договор?

Монтескје, големиот политички мислител на времето рекол, кога ќе појдам во некоја земја не прашувам колку им се добри законите, туку дали се спроведуваат. Тоа важи за сите закони. Сепак, претпоставка е дека оние кои произлегуваат од Рамковниот договор обезбедуваат мир и стабилност во земјата. Тоа е впрочем мировен договор, така е неговото име и овие закони заслужуваат не само експертиза, туку и мобилизација на невладините и научно истражувачките институции кои ќе пружат поблизок и евентуално објективен поглед на нивното спроведување и последиците од тоа. Но, оваа изјава за која ме прашувате на министерот има и нешто друго на кое треба да се укаже – недоверба меѓу коалиционите партнери на власт. Со право. Зошто истражувањата покажуваат дека постојат отпори и тоа пред се од страна на моќните носители на власта при спроведување на мировните договори, бидејќи не само кај нас, повеќе мировни договори се истражени како се спроведуваат и се дошло до истиот заклучок. Бидејќи, довчерашните непријатели, во нашиот конкретен случај непријателите од 2001 година, денес е потребно да се однесуваат еден кон друг со доверба и да соработуваат во спроведување на програмата на владата. Незавидна ситуација за новата власт, во овој контекст мислам дека не е лоша идејата на министерот доколку е чекор кон градење на доверба. А, не продлабочување на недовербата, меѓу оние кои треба да не управуваат во наредните четири години.

По усвојувањето на законот за јазиците кој произлегува од Рамковниот договор, албанската партија од опозицијата ДПА веќе најави ново решение. Дали начинот на кој се усвојуваат законите кои произлегуваат од Рамковниот договор овозможуваат и нивна примена во пракса или може повторно да се отвораат?

За демократијата, дијалогот е суштина. Дијалогот со противникот. Насилничкото однесување што го манифестираше од изборите до денес владеачкото мнозинство во Македонија сметајќи дека тоа е мнозинска демократија, па во име на ефикасноста ќе се донесуваат ва
ни закони преку ноќ, произведува обично, не само кај нас туку и во други случаи нешто слично, произведува една обично екстремна реакција на опозицијата и таа го бојкотира парламентот или пак преку институцијата претседател, како што е сега го злоупотребува правото на аболиција или правото на вето и со тоа се осакатува парламентарната демократија. Значи, на една екстремно однесување на власта имаме екстремно однесување на опозицијата. Нашиот политички систем е поставен врз идејата за поделба и контрола на власта. Принцип кој треба да произведе балансирана и ограничена власт, никој да нема политички монопол врз моќта. Овој принцип на поделба на власта кој и до сега создаваше проблеми сега произведе длабока политичка криза. Сепак, и покрај ова што го велам сметам дека од кризата ќе произлезат решенија па и поуки дека смислата на демократијата е контрола врз власта, зошто секоја власт корумпира, а онаа која е апсолутна најмногу корумпира.

Мулти културализмот има и политичка релевантност, но неговото толкување понекогаш е прилично неодредено. Колку Рамковниот договор партиите од албанскиот блок го користат за дневно политички цели и како да се надмине ова?

Сега ги спомнавте политичките партии, тоа не важи само за албанските. Демократијата е многу повеќе од повеќепартиски систем. Се друго што ја сочинува демократијата кај нас е слабо, како на пример, наполно фер избори или слободни, независни медиуми, силно и независно граѓанско општество, одговорна власт, одговорна опозиција, политичари, со развиена свест за индивидуалните и колективните човекови права. Значи, ако тоа отсуствува или недоволно е развиено политичките партии знаете го пополнуваат целиот празен простор. Политичките партии кај нас, повеќе истражувања тоа го покажале всушност се во најголем дел клиентелистички групи и политичкиот живот затоа е сведен на гола борба за власт, лишена од принципи или во голема мерка лишена од принципи. Во таков амбиент се може да биде предмет на пазарење и се може да се злоупотреби, па така и ДПА денес, а вчера ДУИ или обратно во иднина, дури и националните идеи и идеали, кои сега се во Рамковен договор и ставени и во Уставот на Република Македонија, оживотворени, можат да бидат предмет на пазарење што е многу чудно, затоа што тоа не би се очекувало. Но, така е во овој политички амбиент, што постои сега кај нас.

Седум години по донесувањето, овозможува ли Рамковниот договор поголемо взаемно разбирање?

Да не заборавиме дека Рамковниот договор е мировен договор. Резултат е на положување на оружјето од двете страни, од едната страна државата со своите вооружени сили и да ги наречам бутновниците по конфликтот во 2001 година кој се закануваше по сите параметри и анализи да прерасне во поширок конфликт или граѓанска војна. Тоа е договор донесен со посредство на меѓународната заедница, која си зема обврска воено, материјално и политички да ја овозможи неговата примена, но и во голема мерка влијаеше и на неговата содржина. Ниту една од страните, важо е да се подвлече, не доби се што сакаше. Од тој аспект, Рамковниот договор е еден возможен компромис постигнат во еден момент. И тоа е многу важно, основната суштина, дека нема територијални решенија за етничките конфликти. Тоа значи дека нема да се дозволи поделба на територијата на Македонија, но затоа на албанската заедница, па до некаде и на другите помали етнички заедници во Македонија ќе им биде значи озовможен пристап до централната и локалната власт, ќе им биде дадено право на малцинско вето во одреден домен, ќе им биде овозможено да го негуваат и јакнат нивниот национален идентитет преку јазикот и образованието. Тоа значи раздвојување на заедниците, зошто овој систем што сега го имаме во основа лежи на договарање на народите, односно на нивните политичари. Ваквите системи, како нашиот пост рамковен политички систем, сепак имаат една голема маана, на која треба да се укаже, малку треба едни други да се однесуваат, малку треба за криза, конфликт, кој исто така не смееме да го исклучиме. Значи, функционирањето во голема мерка зависи од добрата или лошата волја на политичките елити на овие заедници, и од тоа како тие гледаат на иднината на својата нација и народ.

Колку Рамковниот договор ги исполни очекувањата и колку делува дезинтегрграчки?

Во голема мерка, по мое мислење ги исполни очекувањата, бидејќи гледате дека иако имавме политички кризи немавме вооружени конфликти. Секогаш мулти етничките држави имаат овој вид на проблеми. Погледнете ја на пример Белгија, како се одвива политичката криза таму. Но, битно е тие договарања, и кризи да се решаваат во рамките на политичките институии, а не надвор со земање оружје во рака. Во годините од донесувањето на Рамковниот договор до денес, тоа го избегнавме. Ние сепак во власта имаме претставници на албанските политички партии кои добиле на избори, имаат право да одлучуваат и тоа е добар знак дека нашата држава има иднина. Но, како што реков, нашиот систем е поставен на принцип на договарање, и споделување и зависи од тоа дали сите ние, не само Албанците, туку и Македонците, сакаме да живееме заедно, можеме да живееме заедно или не сакаме, само зборуваме дека сакаме, а во суштина работиме на некој начин што повеќе да се разделиме. Мислам дека има надеж, особено ако се остварат интегративните процеси во ЕУ, каде што основниот принцип на функционирање на ЕУ е принципот на договарање, на компромиси меѓу народите, така што мислам дека сме на добар пат со овој договор.
XS
SM
MD
LG