Достапни линкови

Слаби тиражи, симболични хонорари, без комерцијална стабилност, состојба на македонските писатели


Меѓу аматеризам и професионализам, без комерцијална стабилност, слаб интерес на пазарот, мали тиражи и симболични хонорари за мајсторите на пишуваниот збор, ваква е состојбата со македонската литература, оценуваат повеќе писатели и поети кои деновиве се собраа во Битола. Неповолната состојба сметаат дека е последица на долготрајната македонска транзиција. Ваквите тешкотии на својот грб ги чувствуваат и младите автори, кои велат во Македонија неможе да се живее од писателски хонорар:

„Секој што се нафатил да пишува, тој нека не очекува фалби и некакви големи удобства. Писателите не живеат кој знае како, но можноста секако е во популаризирање на нашите книги за да постигнеме каков таков тираж, особено со преведување на книгите со што се надеваме на пробив на пазарот.“

вели Славе Србиновски писател од Битола. Ние ја делиме судбината на долготрајната македонска транзиција, која одигра негативна улога во третманот на книгата и материјалниот стандард на писателите. Во изминатиот турбулентен период, многу книжарници се затворија, издаваштвото се трансформира, тиражите на книгите се сведоа на минимум, а висината на хонорарите е симболична, вели Раде Сиљан претседател на Друштвото на писателите на Македонија. И познатиот македонски писател Гане Тодоровски смета дека македонската литература е меѓу аматеризмот и професионализмот:

,,Македонската изворна книга се пробива на пазарот, но со мали ефекти и тиражи. Интересеот кон литературата е главно кон една генерација повразана со училиштата. Така што македонската литература не живее од пазарот, не живее со формирање на интерес, туку сеуште со државна грижа.“

Писателите очекуваат ваквите состојби да се подобрат со издавањето на 130-те томови македонска литература до крајот на годината. Очекуваат со овој потег да се направи стандардизација на македонската книжевност.
XS
SM
MD
LG