Достапни линкови

Цензурата на Интернетот ќе продолжи и за време на Игрите


Како што наближува стартот на Олимписки игри кинеските власти потврдија дека ќе продолжат да го цензурираат Интернет пристапот за време на Олимпијадата, и покрај тоа што претходно најавија дека тоа нема да го прават. Во меѓувреме, американскиот претставнички дом усвои резолуција во која се повикуваат кинеските власти да ги подигнат ограничувањата на човековите права, што дополнително го налути Пекинг.

Лошата слика низ медиумите за Кина продолжува со наближувањето на стартот на Олимписките Игри, а Меѓународниот олимписки комитет е исто така засрамен. Шефот на прес службата на Меѓународниот олимписки комитет изјави дека постигнале согласност со кинеските власти што овозможува натамошна Интернет цензура. Кевин Госпер, кој е член на извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет изјави дека не бил запознаен со договорот и изрази жалење за тоа како е решено прашањето:


,,Верувам дека главниот прес центар и меѓународниот центар за преноси е специјална територија и мислам дека ова е територија на која сите медиуми треба да известуваат како што известувале на Олимписките Игри претходно. Сега правилата се сменети, со постигнатиот договор за кој не бев свесен и мислам дека во најмала рака треба да ги известиме меѓународниот медиуми и јавноста воопшто за да нема изненадувања подоцна. Јас лично сум разочаран.”


Пред само нешто повеќе од две недели претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Роже изјави дека нема да има Интернет цензура за странските новинари кои ќе ги покриваат Олимписките Игри. Тонот од Пекинг пак е неизвинувачки. Сун Веиде, портпарол на организацискиот комитет во Пекинг вели:

,,Исто како и во другите земји, Кина дејствува во согласност со нејзините закони во поглед на Интернетот.“

Според кинескиот закон, Интернетот не смее да се користи за преност на илегални информации, како оние кои промовираат зло и ја загрозуваат националната безбедност. Затоа се надеваме дека медиумите ќе ги почитуваат кинеските закони и регулатива.”

Според агенцијата Ројтерс, меѓу интернет страниците кои се блокирани од кинеските власти се и оние на Радио Слободна Азија, Амнести Интернешнл, Хјуман Рајст Воч и Гласот на Америка. Во меѓувреме, американскиот претставнички дом усвои резолиција во која ја повикува Кина веднаш да прекине со злоупотребата на човековите права во пресрет на Олимписките Игри.
XS
SM
MD
LG