Достапни линкови

logo-print

Михајло Маневски, Министер за правда. Опозицијата врши притисок врз судството со протести само за некои случаи за криминал, а не генерално


Јавните приведувања се проследени со реакции дека доаѓа прво претпоставената вина, а дека таа дури потоа таа се докажува. Како ги коментирате вие овие реакции кои деновиве дојдоа освен од опозицијата и од евроамбасародот Ерван Фуере?

Очигледно дека има пренагласување на определени прашања што се однесуваат на презумпцијата на невиност, значи никој не ја оспорува презумпцијата на невиноста додека тоа не се утврди со правосилна пресуда, меѓутоа она што треба да се нагласи е дека битката проти корупцијата и организираните облици на кривични дела ќе продолжи и понатаму, се разбира со максимално почитување на правата на одбраната, на осомничените лица, со спроведување на ефикасна судска постапка која што ќе гарантира никој што е невин да не биде прогласен за виновен, туку да се изведат сите докази што ќе бидат во правец на утврдување на одговорноста на сторителот на делото. Но, ова е посебно нагласено дело, кога се работи за кривични дела за кои што има посебен интерес во јавноста, она што значи кривично дело на организираниот криминал, за кои што државата мора да води поефикасна мерка за нивно спречување. Практично државата мора да презема мерки и средства, токму за заштита на грѓаните, да не бидат тие жртви на корупција и криминал.

Не е ли притисок врз судството од страна на МВР во која однапред се создава атмосфера, дека некој треба да биде виновен?

Знам дека мислите на одредени, конкретни случаеви. И можам да кажам дека е жално тоа што се повторува, после една година, на исто место и на ист начин, тоа не е ништо друго туку притисок врз судската власт, тогаш кога ќе се протестира цел ден пред судската зграда, кога ќе има дури и обиди за насилно влегување во судот, секој има право согласно законот да се брани, меѓутоа никој нема право да врши притисок врз работата на судот, особено со такво групно собирање како што беше, со притисоци кои што се недопустливи, и особено кога се работи само за еден случај, а не се работи за некој генерален однос што се однесува до сето ова.

За најголемиот судски случај ,,Змиско Око“ и по осум месеци сеуште не е докажана штетата од пет милиони евра, која што се претпоставуваше во почетокот. Зошто?

Да не се разбере дека се мешам во работата, на судот, тоа е негова работа. Јас сум информиран дека судот презема мерки за утврдување на штетата, со оглед на доказите во казнената постапка и преку вештачања, и преку користењето на стручна помош. Дали ќе има утврдена штета, колкава ќе биде, тоа е секако работа на судот, а ние не би можеле да се мешаме во тоа.

Имавте средба со евроамбасадорот Ерван Фуере. Имаше ли одредени сугестии како што имаше сугестии и на средбите со останатите министри во владата?

Со оглед на тоа дека Министерството за правда има значителни ингеренции, како судските реформи, конституирањето на новите институции, значи има голем број на прашања за кои се разменуваат мислења и се примаат одредени забелешки. Една од забелешките беше околу начинот на финансирањето, значи се бара повеќе средства за финансирање на судската власт, тоа е една од забелешките за кои се зборуваше на средбата, како и за она што треба да значи преземање на потребни мерки во врска со изборните нерегуларности. Значи целта е да се спорведат што е можно поефикасни постапки, да се влијае и на сторителите, но и да се влијае на целата средина каде тие се случија, за тоа дека тие остават лоша слика на вкупниот изборен процес, за тоа дека има и одредени насилстава, нерегуларности, што е предмет на казнено гонење во постапките за 100 лица во судовите во Гостивар, во Тетово и Скопје.

Во извештајот на невладината Фридом Хаус оваа година беше посочена подобрена оценка во борбата против корупцијата, но оценката беше полоша во однос на ефикасноста и независноста на судството?

Ние имавме повеќе меѓународни, оценски мисии во 2007-та година и во текот на оваа година, во однос на судските реформи. Експертската мисија на Европската Комисија ни достави извештај каде што има и доста пофалби за тоа што е направено, има и определени препораки особено што се однесуваат на ефикасност на постапката, намалување на времетраењето на постапките и поефикасно остварување на правото и слободите на граѓаните. Околу ефикасноста на реформите имаме два индикатора во првото полугодие на 2008 година се бележи намалување на новопримените предмети во Основните судови за 29% и вториот индикатор е тоа што се намалува бројот на нерешни предмети во судовите, за некаде околу 80 илјади предмети или за 9%. Кога ја споменавте корупцијата, само за корупција на високо ниво и организирани облици на кривични дела, значи само за две години има покренато постапки против речиси 519 лица, од кои што осудени се 269 лица, а во постапка се обвиненија против 245 лица. Тоа е штета од над пет милијарди денари која и е нанесена на државата со извршување на овие кривични дела, од кои повеќе од една милијарда денари е поради неплатени даноци.

Во делот на спроведувањето на реформите, услов е да се постигне консензус меѓу власта и опозицијата. Како ова да се постигне во услови кога еве сега опозицијата е надвор од Парламентот?

Во текот на овие две години ги усогласуваме прашањата кои се однесуваат за клучни закони од судството, како законот за јавно обвинителство, за советот на јавни обвинители, итн. Значи мислам дека опозицијата ќе се врати во собранието, тоа мислам дека не е во интерес на граѓаните и тоа таа сама треба да го процени, меѓутоа местото каде треба да се води таа демократска борба е Собранието, каде што се носат законите и каде што се гради политиката за извршување на законите и нивна оценка.

Дали политичката димензија може да биде проблем при процесуирањето на четирите хашки случаи, со оглед дека се осомничени лица од поранешната ОНА, кои сега се дел од ДУИ, бидејќи претходно пред стапувањето во владина коалиција слушнавме дека бараат закон за амнестија?

Тие случаеви се вратени до Хашкиот трибунал и се испратени во канцеларијата на Јавниот обвинител. Тој побара од Министерството за правда тие да бидат преведени, случаите се преведени и се вратени до Јавниот обвинител и сега тој треба да одлучи како понатаму. Не се впуштаме ние во сето ова, бидејќи тоа не е функција на Министерот за правда, туку на Јавниот Обвинител и тој во рамките на законот за Јавно обвинителство и кривична постапка треба да одлучи каде и како ќе води постапка. Значи тоа е негова ингеренција и негова е одлуката, и се разбира одговорноста.
XS
SM
MD
LG