Достапни линкови

Рестрикции за употреба на автомобили и затворање на некои од фабриките


Драстични сообраќајни рестрикции и затварање на некои од фабриките, се само дел од мерките што ги презема Пекинг со цел намалување на загадувањето во пресрет на Олимписките Игри кои започнуваат наредниот месец. Пекинг еден од најголемите градови според број на жители во светот, се надева дека со овие мерки ќе се преполови бројката од 3 милиони возила, како и дека ќе го редуцира загадувањето за повеќе од 60% во текот на наредните два месеци.

Сообраќајот во Пекинг беше забележливо намален, дури и за време на викендот, поради новите правила кои придвидуваат редуцирање на сообраќајот. Но, останува да се видат ефектите од новите мерки за време на работната недела, кога милиони жители на градот ќе треба да стигнат до работните места. Новите сообраќајни правила не ги одобруваат жителите на Пекинг, како на пример Лиу, кој се обиде да ги критикува Олимписките игри кои почнуваат на 8 август:

„Новите правила ќе и помогнат на ситуацијата во сообраќајот, но ќе донесат вистински проблеми во транспортот за обичните луѓе.“

Властите предупредија дека новите правила ќе ги следат со систем на камери и дека казната за прекршок ќе изнесува 14 долари. Компаниите исто така се под притисок за промена на работното време, за да се намали сообраќајниот метеж.Двете нови линии на метрото, како и железничката линија до аеродромот кои беа отворени на 19 јули се очекува исто така да донесат олеснување на сообраќајот. Еден млад жител на Пекинг импресионирано изјавува:

„Новите метро линии се многу точни. Не наликуваат на нашите нормални станици. Многу се модерни, но истовремено и карактеристично кинески.“

Ју Џинхуа од Центарот за заштитита и мониторинг на човековата средина во Пекинг е оптимист за ефектите од новите мерки:

„Верувам дека новите мерки ќе донесат значајно подобрување на квалитетот на воздухот. Донесените мерки се резултат на тестот од минатата година и резултатите покажуваат дека ќе имаат одличен ефект на квалитетот на воздухот.“

Овој пат, властите преземаат и други мерки. Хемиските фабрики и централите мораат да ја намалат емисијата на гасови за 30 насто, додека градежните работи во градот треба комплетно да запрат. Покрај милијардите потрошени на подобрување на инфраструктурата и човековата околина, одржувањето на чистиот воздух за спортистите е најголем проблем на Пекинг. Меѓународниот олимписки комитет соопшти дека некои од настаните може да бидат и одложени во деновите кога загадувањето ќе биде на високо ниво.
XS
SM
MD
LG