Достапни линкови

logo-print

Дали Србија реши да се сврти кон Запад?


Изненадувачкото апсење на поранешниот лидер на босанските срби Радован Караџиќ, по скоро тринаесет години слободно криење, беше можно откако во Белград дојде до политички промени. Накусо кажано, важните политичари кои го штитеа Караџиќ ја загубија власта. Дали Србија реши да се сврти кон Запад?

Изборите, по се изгледа, го сторија своето. Познавачите на балканските состојби велат дека апсењето на поранешниот босански лидер Радован Караџиќ е директен резултат од тоа што, по изборите во мај, на власт дојде прозападна влада. Џејмс Лајон, од Меѓународната кризна група наведува дека новата влада, во која неверојатно досега, коалицираат демократите на шефот на државата Борис Тадиќ и социјалистите на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ, е нестрплива да ги засили напорите за влез во Европската унија.

„Ова се случува, бидејќи новата влада е посветена на европската интеграција и на исполнување на своите меѓународни обврски. “

Но, српските избори не се важни само поради тоа кој ја презеде власта. Тие се значајни и поради тоа кој ја напушти власта: двете националистички партии, Радикалната и Демократската на поранешниот премиер Воислав Коштуница.

„Коштуница го загуби сето свое влијание. Тој веќе нема никакво влијание на национално ниво.“

Вели Лајон, прецизирајќи дека Коштуница ја држел во раце Српската разузнавачка служба БИА која ги штитела Караџиќ и Младиќ. Неколку дена пред апсењето на Караџиќ, шефот на оваа служба Раде Булатовиќ, инаку човек на Коштуница, бил заменет од Саша Вукадиновиќ, лојален на Тадиќ. Од двата партнера во владината коалиција социјалистите се помалку ентузијасти во врска со апсењето на Караџиќ. Министерството за внатрешни работи, на чие чело е социјалистот Ивица Дациќ веднаш издаде соопштение дека не учествувало во апсењето на Караџиќ. Паоло Куерсија, аналитичар за Балканот во Воениот центар за стратегиски науки во Рим смета дека политичките последици би требало да бидат минимални, но само ако владата им покаже на обичните срби дека ова апсење ќе им донесе конкретна корист:

„Србите се многу прагматични луѓе. Тие се големи националисти, се грижат за нивната историја и за нивните лидери, но можат да бидат и многу прагматични. Нема да се грижат ако Караџиќ се најде во Хаг доколку видат дека тоа ќе им донесе економски напредок и зајакнување на нивната позиција спрема Косово.“

Но, за целосно да докажат дека се за поблиски односи со Запад сега им останува да го упасат генерал Ратко Младиќ. Тоа пак, по се изгледа, ќе биде потешка задача отколку апсењето на Караџиќ.

„Караџиќ никогаш не бил популарен во Србија. За србите, воен херој е Младиќ. Апсењето на Младиќ ќе биде потешко, бидејќи за него се смета дека ги штител србите во Босна. На Караџиќ гледаа само како на зборлест и досаден политичар.“

Вели Џејмс Лајон, од Меѓународната кризна група.
XS
SM
MD
LG