Достапни линкови

Нема официјални детали за апсењето, адвокатот тврди дека Караџиќ бил уапсен во петокот


Српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, на денешната прес конференција во Белград, изјави дека Радован Караџиќ бил уапсен синоќа и оти денеска истражниот судија донел решение за тоа дека се исполнети условите, Караџиќ да му биде предаден на Хашкиот Трибунал. Претседателот на српскиот национален совет за соработка со Хашкиот Трибунал, Расим Љаиќ соопшти дека Караџиќ имал лажен идентитет и документи на име Драган Дабиќ, а работел во приватна лекарска ординација и се појавувал на јавни места. Беше покажана и фотографија на која Караџиќ е со долга бела коса и бела брада.

На претпладневната прес конференција српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ изјави дека Радован Караџиќ бил уапсен синоќа во Белград и оти денеска истражниот судија донесол решение за тоа оти се исполнети условите Караџиќ да му биде предаден на Хашкиот трибунал.

„Неговото лоцирање траеше извесно време, па според тоа, сите шпекулации за некаква дојава од странските разузнавачки служби не се точни.“

Изјави Вукчевиќ, додавајќи дека акцијата била изведена успешно со најмал безбедносен ризик за сите кои учествувале во апсењето како и за самиот Караџиќ. На прес конференцијата, претседателот на српскиот национален совет за соработка со Хашкиот трибунал Расим Љаиќ соопшти дека Караџиќ користел лажен идентитет и лажни документи на име Драган Дабиќ.

„Тој бил многу уверлив во криењето на својот идентитет за што говори фактот дека се занимавал со алтернативна медицина и оти така заработувал пари. Работел во една приватна лекарска ординација и последното место на живеење му беше Нов Белград.“

Изјави Љаиќ кој прикажа и фотографија на која Караџиќ е со долга бела коса и бела брада. Според неофицијални полициски извори, при апсењето шеесет и три годишниот Радован Караџиќ не давал отпор. Неговиот адвокат Светозар Вујачиќ пак, кој присуствувал на сослушувањето во Специјалниот суд, изјави дека Караџиќ не бил уапсен синоќа, туку во минатиот петок.

„Бил уапсен во девет и триесет во автобус од Батајница за Нов Белград. Тој веднаш требаше да биде изведен пред истражен судија.“

Изјави Вујачиќ. Хашкиот трибунал инсистираше на апсење на Караџиќ од илјада деветстотини деведесет и петата година, но и на апсењето на Ратко Младиќ кој се уште е во бегство. Против Караџиќ има повеќе обвинувања, меѓу нив за геноцид направен во текот на четириесет и три месечната опсада на Сараево кога биле убиени над дванаесет илјади луѓе и за масакрот на околу осум илјади муслимански мажи кај Сребреница. Караџиќ се криеше тринаесет години, а за тоа време НАТО изведе неколку неуспешни обиди за негово апсење. Веста за апсењето беше прославена на улиците на Сараево.

„Оваа правда беше многу бавна, но еве сепак е достижна.“

Изјави претседателот на босанското претседателство Харис Силајџиќ, додавајќи дека тоа ќе има позитивен ефект врз натамошниот развој на земјата. Апсењето на Караџиќ го поздрави и премиерот на Република Српска Милорад Додик кој изрази надеж дека конечно ќе биде тргната предрасудата за србите, кои, како што рече, биле заложници на вината на поранешниот лидер. Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун го поздрави апсењето како историски момент за жртвите, додека во денешните заклучоци на министерскиот совет на Европската унија се оценува дека тоа претставува важна етапа во зближувањето меѓу Србија и Унијата.

„Мислам дека е многу важно некој како Радован Караџиќ да се најде пред Меѓународниот суд и да има фер судење.

Изјави еврокомесарот Хавиер Солана. Американската Бела Куќа пак, апсењето го оцени како важен доказ за напорите на српската Влада да ги исполни своите обврски и да соработува со Хашкиот трибунал.
XS
SM
MD
LG