Достапни линкови

Од септември нов ценовен удар „врз џебот“ на граѓаните


По зголемувањето на цената на парното, економистите предвидуваат дека до крајот на годината ќе поскапи и цената на струјата, што пак ќе значи директен притисок и врз малопродажните цени. Ова значи дека граѓаните ги чека сериозен удар врз нивниот семеен буџет и затоа владата треба да преземе мерки кои ќе имаат резултат на краток рок, вели Марјан Николов од Центарот за економски анализи. Според него, проблемот на инфлацијата не може да се реши на долг рок, преку мерките за привлекување инвестиции, туку со директни инвестиции од буџетот:

„Значи, би требало да се зголеми компонентата за социјални трансфери во буџетот, меѓутоа тоа пак оди наспроти тенденцијата на Република Македонија да ја зголеми капиталната потрошувачка од буџетот. Бидејќи, не можете вие на друг начин да помогнете на краток рок, ако директно не им помогнете на оние коишто се најзагрозена потрошувачка категорија. Нема друг начин.“

Врз зголемувањето на цената на парното влијание имаше цената на мазутот, која во последните шест месеци е зголемена за 48,5 насто. А, на природниот гас за 19,9 проценти. Професорот Алекса Стаменковски од Европскиот Универзитет вели:

„Ние во овој дел кога станува збор за Топлификација, станува збор за монопол. Треба да се отвори тој дел од пазарот за цените пазарно да се регулираат. Државното регулирање не оди заедно со пазарната економија.“

Меѓу мерките кои ги предлагаат економистите се и намалување на даночното оптеретување. Но, Николов се сомнева во еден ваков чекор, оценувајќи дека ов намалувањето на даноците веќе сме го постигнале крајното ниво.
XS
SM
MD
LG