Достапни линкови

Нема и никогаш немало македонско малцинство во Грција


Во Грција нема „македонско малцинство“, никогаш немало и секое поинакво тврдење е апсолутно неосновано и не одговара на историската реалност на регион, се наведува во одговорот на грчкиот премиер Костас Караманлис на писмото на неговиот македонски колега Никола Груевски, во кое тој настојува за признавање на „македонското малцинство“ во Грција, пренесен од новинската агенција АНА-МПА.
Во врска со покренатите од Груевски имотни прашања, Караманлис смета дека нивното решавање треба да се бара по судски пат, и тоа единствено преку Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Грчкиот премиер потсетува дека неговата земја преземала ангажман во последните 15 години, во рамките на ОН и согласно резолуцијата 817 на Советот за безбедност, да преговара со Македонија за решавање на спорот со името, кој според него „...треба да се реши во корист на зачувување на мирните и добрососедски односи со неа во регионот“.
- Пред неколку недели специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН Метју Нимиц предложи некои идеи, кои можеа да ги придвижат напред преговорите меѓу Атина и Скопје, пишува Караманлис во одговорот до Груевски, изразувајќи притоа жалење што македонската страна „го избрала точно овој критичен момент на преговарачките напори за да го испрати своето писмо до него“.
Тој додава дека „Грција заземала цврст став за развој на односите на пријателство и добрососедство со сите соседни земји, а пред се со државите од Западен Балкан, како и за создавање неопходни претпоставки кои ќе им дозволат во блиска иднина да се приклучат кон евроатланското и европското семејство“.
Караманлис вели дека од 1993 година досега Грција покажа добра волја, за да може под закрила на ОН, да биде постигнато заедничко прифатливо решение за името, кое ќе ги почитува законските интереси и чувствителноста на двете страни. Тоа одговара на резолуцијата на Советот за безбедност, како и на желбата на сите држави, кои учествуваат во евроатланските и европските институции, а беше категорично потцртано и на средбата на врвот на НАТО во Букурешт и на Европскиот совет во Брисел.
Грчкиот премиер смета дека со писмото Груевски се одалечува од целта на водените преговори, бидејќи поставува „непостоечки и целосно неосновани прашања“, кои се спротивни на напорите, кои ги прави Грција, и се обид за мешање во внатрешните работи на соседна држава.
- Времињата се сменија и јас сум убеден дека иднината на балканските држави е во европските и евроатланските институции, а не во националистичките логики на една неповратно помината епоха, која конечно треба да стане минато. Грција останува верна и ќе работи за постигнување на таа цел. Историјата ги оценува раководителите според тоа како се издигнуваат до висината на предизвиците и преземаат одговорности. Многу работи ќе зависат од вашата позитивна позиција и конструктивен дух, се истакнува во одговорот испратен од Караманлис на писмото на македонскиот премиер.
XS
SM
MD
LG