Достапни линкови

Скопје: Зоран Заев ќе се брани од слобода


Потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев и и тројцата негови соработници, ќе се бранат од слобода. Тоа е одлуката што доцна синоќа, ја донесе истражниот судија во Основниот суд еден во Скопје. Како гаранција дека обвинетите ќе бидат достапни за потребите на истрагата, им се одземени патните исправи. Заев беше видно возбуден кога излезе од судот и беше пречекан од своите најблиски, од сопартијците и симпатизерите. "На крајот на овој ден се случи тоа што и доликува на Македонија. Правдата повторно победи, се докажува чесноста и на луѓето коишто беа, ќе кажам јавно, политички обвинети. Сакам да упатам апел -господине Груевски, вака, како денеска, Македонија не можеме да ја градиме. Колку и да се подмолни намерите, правдата секогаш доаѓа. Мора да е можно на рамноправни основи да се бориме. Мораме да се почитуваме, пред се и над се, помеѓу себе како граѓани, за на крајот граѓаните да не оценуваат кој колку вредиме“, изјави Заев. Полицијата вчера утрото го приведе Заев кого го сомничи за злоупотреба на службената положба во врска со изградбата на Градски деловен-трговски центар во Струмица. Приведени се уште три негови соработници од општината, како и инвеститорот, сопственикот на фирмата "Де лукс инжинеринг". Заев уште претпладнето беше изведен пред Основен суд 1 во Скопје. По првичната информација за неговото приведување, Социјалдемократскиот сојуз во знак на протест поради инсталирањето "апсолутна власт со елиминација на способните кадри од политичките противници", го напушти Собранието на Македонија. Заедно со нив парламентот го напуштија и другите пратеници од Коалицијата "Сонце". По 15 часот пред Судот во Скопје беше организиран масовен протест на партиските челници, членови и симпатизери на опозицијата од Скопје, Струмица и другите градови од земјата. На чело на протестот беше лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска. Пред насобраните луѓе таа изјави дека се работи за поддршка на сопартиецот Заев кој на власта и пречи зашто покажа дека наспроти Владата, може и успешно да се работи. Шеќеринска порача дека се работи и за поддршка на судството да ги издржи притисоците од власта со кои грубо се соочува. Говореа и лидерите на коалициските партии. Во еден момент, мнгоубројната полиција беше во акција за да спречи влегување на дел од насобраните луѓе во Судот. Протестот траеше до доцна во ноќта, се до соопштувањето на одлуката на истражниот судија.
XS
SM
MD
LG