Достапни линкови

Одлуката не е изненадување, а образложенијата на Црвенковски се неоправдани


Најавите на претседателот Бранко Црвенковски дека нема да се кандидира за втор претседателски мандат за домашните аналитичари не се изненадување. Но, образложенијата зошто се одлучил на ваков чекор, според проф. Живко Андревски се неоправдани.

„Претседателот е надпартиска институција, над условите кои настануваат во владеењето преку владата и парламентот и другите државни органи. Така што, воопшто не може да се смета дека отсуство на услови за нормална кохабитација се јака причина за некој да смета дека не може да биде претседател на државата.“

Факт е дека прашањата за кои постојат големи разлики меѓу претседателот и премиерот се во сферата на надворешната политика, особено околу прашањето за името, посочува аналитичарот Јован Донев.

„Не се согласуваат ниту околу начинот на кој се водат преговорите, ниту околу платформата. Црвенковски цело време се спротиставува на идејата за референдум, цело време дава поинакви изјави од премиерот Груевски, не се согласува со двојна формула.“

Според проф. Андревски, релативно ограничените функции на претседателот во македонскиот политички систем, се вистинската причина поради која Црвенковски нема да се кандидира за претседател.

„На Бранко Црвенковски му е релативно ограничена власта од позиција на претседател на република и затоа во евентуални наредни изборни циклуси сака повторно да си ја проба среќата и да биде премиер, што е објективно посилна позиција и реална власт.“

Евентуалното враќање на Црвенковски како лидер на Социјалдемократскиот сојуз според Донев ќе биде погрешен чекор за партијата.

„СДСМ се фаќаат и мислат дека единствен спас им е лидер. Тешко на таа партија што зависи само од лидер. Ако внатре немате доволно јако јадро, луѓе, идеја за што се борите, многу е тешко да очекувате дека некој лидер ќе ве спаси.“

Некои политички аналитичари пак сметаат дека Црвенковски е принуден на ваквата одлука. Стравувањата од изборен пораз доколку се промени Уставот и начинот на кој ќе се избира шефот на државата, според политикологот Хисен Рамадани е главната причина за ваквата одлука на Црвенковски.

„Претседателот мисли дека ќе се случи промена на Уставот и дека ќе се промени одредбата за тоа дека претседателот се бира на јавно гласање и дека ќе биде биран од страна на парламентот со двотретинско мнозинство, а оваа влада сега тоа мнозинство го има.“

Според експертите она што дополнително ја отежнува кохабитацијата меѓу овие две институции е личната нетрпеливост меѓу претседателот и премиерот.
XS
SM
MD
LG