Достапни линкови

Промена во европскиот курс кон Иран?


Во меѓународните напори за спречување на иранската нуклеарна програма, Европа има најголема економска моќ. Сепак до неодамна, таа изгледаше дека не сака да ги употреби трговските врски со Техеран за да ги ,,притисне” иранските власти да се откажат од програмата за збогатување на ураниум. Но, неодамнешната изјава на француски Тотал дека е преголем политички ризик да се инвестира во Иран зборува за промена во европската атмосфера.

Пред помалку од една декада Соединетите држави стоеја сами кога се поставуваше темата за економски санкции против Иран. Американските напори да се изолира Иран беа игнорирани од Европа. Неодамна во интервју за Фајненшл Тајмс шефот на француската енергетска компанија Тотал Кристоф Де Маргери изјави дека политичкиот ризик за инвестирање во Иран е превисок и дека луѓето би рекле дека Тотал прави се за пари. Оваа изјава силно одекна низ светските медиуми, а некои аналитичари толкуваат дека тоа значи дека европските бизнис лидери повеќе не гледаат на Иран само како американски проблем, туку и како свој проблем. Дејвид Кнот, енергетски експерт вели дека изјавата не значи дека Тотал го напушта Иран. Но, додава дека таа доаѓа во време кога компанијата ја разгледува економската исплатливост на производство на течен природен гас од јужните полиња во Иран:

,,Тотал и Шел им предложија на Иранците проекти за течен природен гас и работат на прелиминарни студии за комерцијалната исплатливост. Тие велат дека не може да донесат одлука за инвестиции во моментов. Но, тие не излегоа и не рекоа дека се полекуваат од Иран. Тие велат дека на долг рок сеуште сметаат дека Иран е значаен регион за инвестиции.”

И Шел минатиот месец не го потпиша договорот за инвестиции во Иран вреден 10 милијарди долари, поради американските санкции кои им забрануваат употреба на американска технологија и опрема. Европските енергетски компании се под притисок и од своите влади. Мухамед Шакел, ирански аналитичар при лондонскиот Економист Интелиџенс Јунит смета дека е очигледно дека европските енергетски компании ќе мораат да ги замрзнат своите активности во Иран додека не се разреши политичката криза со западот.

Според него, тоа ќе има големо влијание врз иранската економија, која е зависна од парите од енергетскиот сектор, а Иран веќе се врти кон Азија барајќи алтернатива за европските енергетски компании:

,,Иранците почнуваат да разбираат дека нивните трговски потреби мора да се фокусираат на Азија и Кина, наместо Европа. Според официјалните ирански извештаи Иран почна да ги повлекува своите пари од Европа и ги пренесува во банките во Азија кои се помалку изложени на американскиот притисок, барем засега.”

посочува аналитичарот Шакел.
XS
SM
MD
LG