Достапни линкови

ССМ ќе продолжи со барањата за решение за сите стечајци


Со усвојувањето на законот со кој стечајците кои до 2004 година останале без работа ќе добиваат по пет илјади денари месечен надомест од хуман аспект претставува одлука која има згрижувачка конотација, велат економистите, но истовремено истите посочуваат дека не можат да дадат позитивна конотација на ова решение од економски аспект, бидејќи според нив, некој што не работел, нереално е да оствари право на пензија. На овој начин, тие индиректно ги коментираат најавите дека оние што не се опфатени во оваа категорија, ќе бараат еднаков третман да бидат згрижени од државата. Со ова решение, се затвора една не толку убава страница од македонската транзиција, но од друга страна во ССМ сепак најавуваат дека ќе продолжат од Владата да бараат целосно решавање на сите вакви случаи, на граѓаните кои се наоѓаат во Заводот за вработување по разни основи, независно дали станува збор за технолошки случаи или стечајни работници:

„Вакви решенија беа нудени и порано. Но, тоа е бројка од пет – шест илјади луѓе. Сигурно ќе продолжат барањата на ССМ за решавање на сите случаи. Во европските држави секој граѓанин во завод добива надоместок на пари. И тоа е прашањето кое овде не може да го решат,“

изјави Драги Јовановски од правната служба на ССМ, кој потсетува дека хронолошки од 2000 година, кога беше организиран голем штрајк тие бараат решение за вкупно 36 илјади работници во државата кои по разни основи останаа без работи и кои се пријавуваат во Заводот. Според него, со овој закон се повредува уставното начело на еднаквост.

„Ист статус имаат, исти права. И тие плаќале придонес, а имаат нееднаков третма, а пред уставот сите граѓаните се еднакви. Значи уставното начело не се почитува.“

Со оваа одлука владата оцени дека го реши прашањето на шестмесечно претстојување на стечајците во шаторите во паркот Жена Борец, но тие остануваат во нив до потпишувањето на Договорот со владата, откако законот ќе се објави во службен весник треба да поминат 30 дена за тие да почнат да ги добиваат надоместоците.
XS
SM
MD
LG