Достапни линкови

logo-print

Разговори за спроведувањето на последните парламентарни избори и постизборната клима


Последните парламентарни избори и начинот на кој беа спроведени, резулатите и постизборната клима ќе бидат темите за кои денеска и утре претставниците на Ад хок комисијата за набљудување на изборите при Парламентарното собрание на Совет на Европа ќе разговараат со своите македонски колеги.

„Тие ќе бидат во посета на Република Македонија да видат во пост изборната фаза како завршува изборниот процес, како почна, а каков е финишот на истиот, што стори државата за подобрување на процесот во вториот и третиот круг, и во пост изборните комбинаторики,“

изјави Оливер Шамбевски, шеф на македонската делегација во парламентарното собрание на Советот на Европа.

Предвидено е претставниците на комисијата да се сретнат со лидерите на Демократската Унија за интеграција и на Демократската партија на Албанците Али Ахмети и Мендух Тачи. По одлуката на ДПА да го бојкотира законодавниот дом,
поради тоа што не ги признава изборните резултати, на средбата нема да присуствува Тачи, туку генералниот секретар на партијата Имер Алиу.

Од ДУИ пак потврдуваат дека нивниот лидер ќе се сретне со парламентаците од Советот на Европа и оти позицијата на Ахмети ќе биде дека се потребни измени на Изборниот законик, осносно изборните прекршоци да ги решава Управниот, а не Врховниот суд. Оттаму информираат дека од претставниците на комисијата ќе биде побарано да инсистираат на целосно расчистување на изборните инциденти.

„Неминовно е да се преземат сите механизми, да се создадат дополнителни механизми. Нарушувачите на изборниот процес да бидат санкционирани и да бидат преземени превентивни мерки коишто нема да дозволат такви настани на денот на изборите,“

изјави Ермира Мехмети од ДУИ.

Според Шамбевски пак, расветлувањето на изборните инциденти е работа исклучиво на македонските државни органи.

„Расветлувањето на инцидентите е работа на нашите органи МВР и судовите во Република Македонија.“

Претставниците на комисијата за набљудување на парламентарните избори ќе ги анализираат изборниот процес и последиците од изборите, по што ќе подготват извештај кој треба биде доставен до Советот на Европа.
XS
SM
MD
LG