Достапни линкови

Даночни олеснувања, судски реформи бесцарински увоз на репроматеријали


Даночни олеснувања, забрзување на судските постапки за наплата на долговите, бесцаринки увоз на репроматеријалите, овие се препораките на македонската бизнис заедница до новата влада, за која според најавите меѓудругото, економијата останува приоритет и во следните четири години. Претставниците на овој сектор апелираат до идната влада повеќе внимание да се посвети и на подигнување на нивото на едукација на вработените.

„Едно од најголемите и клучни работи е едукацијата на менаџмент тимот во фирмите. Владата треба да најде начин за подобрување, преку заеднички тренинзи, семинари, што ќе придонесе за подигање на нивото на едукација кај вработените,“

изјави Петар Лазаров сопственик на приватна фирма за извоз на македонски производи. За стопанственикот Дејан Митевски пак, најголем проблем со кој се соочуваат домашните фирми е заостаната наплата на долгови.

„Ако веќе нешто се размислува треба да се размислува за забрзување на тие процеси или воведување на нов центар за брзо процесуирање на тие служби.“

Македонија е увозно зависна и од репроматеријали, посочуваат упатените. Извесни олеснувања треба да постојат и во овој сектор, велат бизнисмените.

„Не може да постои во светот развиена економија која нема стаклара. Имате фабрика во Србија која прави стакло, мора да се донесе теглата, флашата или било што, да платат транспорт и подоцна да им ја вратат назад.“

Со свои препораки за подобрување на бизнис климата реагира и Сојузот на стопански комори.

„Мора да се направи стратегија за земјоделието. Стопанствениците како проблем го истакнуваат и проблемите со катастарот. Наша препорака е дека треба да биде покомплетен и ефикасен, и да биде електронски достапен. Во делот на судството посебните стопански судови да започнат со правилно и брзо процесуирање,“

изјави Катерина Панова од Сојузот на стопански комори.

Сепак, домашните стопанственици се согласуваат дека добрата бизнис клима во најголема мера ќе зависи од политичката стабилност во државава.
XS
SM
MD
LG