Достапни линкови

Теута Арифи, потпретседател на ДУИ: Очекуваме дека новата влада во која партиципираме, ќе донесе поголема политичка стабилност


Ајде на почетокот да се обидеме да ја разрешиме дилемата која што се појави во јавноста, околу тоа што мандатарот Груевски и лидерот Ахмети договориле при формирањето на владината коалиција. Двете страни излегоа со различни изјави околу тоа за кои прашања била постигната согласност?

Секако согласни сме околу заедничките стратешки интереси, за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Исто така имаме согласност за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, за поинтензивни реформи за подобро функционирање на системот, односно администрацијата, согласни сме дека треба да се продолжи во борбата против корупцијата и организираниот криминал, и согласни сме дека треба да се работи за овозможување на подобри услови за работа, вработување, луѓето кои што се невработени имајќи ја предвид високата стапка на невработеност.

Законот за полиција и употреба на знаминања, било или не било разговарано?

Во принцип се разговарало за пошироки теми, сметаме дека во рамките на заедничкото функционирање секако ќе има простор да се разговара и да се најдат решенија за сите прашања од интерес на граѓаните, без разлика дали се тие македонци или албанци. На крајот на краиштата од интерес на сите е да најдеме согласност за што повеќе прашања од заеднички интерес.

Г-ѓа Арифи со какви барања и воопшто очекувања влегувата во новата влада?

Најпрво ние очекуваме поголема стабилност, поголема политичка стабилност. Оценуваме дека со двојното мнозинство кое е осигурано во парламентот, со простото мнозинство и со Бадентеровото мнозинство може да се зборува за поширока политичка стабилност при функционирањето на институциите во Македонија, исто така очекуваме дека ќе работиме на прашањата кои беа од висок интерес за нас и исто така сакаме да работиме интензивно за да се фати темпото по однос на прашањата за ЕУ и НАТО.

Колку ДУИ може да му верува на Груевски со оглед на претходното искуство кое го имавте?

Имајќи го во предвид претходното искуство ние бевме политички противници и мислам дека дел од недоверба може да постои и кај ДУИ, но и дел на недоверба кон ДУИ може да постои и од страната на ВМРО ДПМНЕ што е директен резултат на последните 18 месеци. Но, сметам дека процесот на заедничкото владеење ќе покаже дека поголемата доверба ќе се стекне при придржувањето кон договореното, и во придржувањето кон принципите кои ги споделуваат двете страни, а тоа е еден фер однос кон партнерот и кон граѓаните кои не избрале.

Ќе инсистирате ли на спроведување на мајскиот договор, едно време и околу тоа имаше недоразбирања. Имаше, па немаше мајски договор, па имаше три точки или пет точки... ?

Јас сметам дека тој договор на времето кога се постигна беше резултат на едни политички околности и тој е едно пошироко, прецизно дообјаснување на Рамковниот договор. На пример, во третата и четвртата точка од мајскиот договор се прецизира дека законот за јазикот ќе се носи во согласност со принципите на Рамковниот договор и Уставот на РМ. Значи не се бара промена на Уставот, туку почитување на Уставот и на Охридскиот Рамковен Договор. И во однос на прашањето за статусот на поранешните припадници на ОНА се вели дека тој статус ќе се реши согласно постоечките закони. Значи во мајскиот договор не пишуваше дека ќе има промена на законот или промена на Уставот за да се спроведе мајскиот договор, туку тој е дополнителен договор кој беше постигнат во согласност со Охридскиот Рамковен договор и затоа сметам дека тој сега може да биде само од помош, а не нешто лошо во односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.

Каква е позицијата на ДУИ во однос на прашањето за името. Неодамна беше цитирана изјава на лидерот Ахмети за грчките медиуми дека решението на прашањето ,,треба да одговара на мултиетничкиот карактер на државата, но и да внимава на историските и географските чувства на грците“?

Официјалниот став на ДУИ е дека ние како политичка партија сметаме дека уставното име треба да биде името на државата и тука немаме никакви дилеми, но доколку се влегува во компромис за името, тогаш не само што очекуваме туку и бараме исто така и ние да бидеме дел од решението доколку се влегува во компромис за името.

Во последно време сведоци сме на чести престрелки во Македонија не само меѓу криминални банди, и не само во предизборието или изборните циклуси, но и еве последниот случај со Радуша кога беа повредени девет лица. Кои се актулените според вас, безбедносни ризици со кои се соочува земјава и дали воопшто сметате дека има политичка позадина во ваквите инциденти?

Јас сметам дека до тензичната состојба од овој аспект дојдовме како резултат на една лоша проценка направена во изминатите две години и тоа една состојба со која сега се соочуваме. Сметам дека за сите овие прашања треба да профунционираат институциите на државата, не треба да се остави луѓето да си ја ,,земаат правдината во свои раце“ бидејќи тоа е погрешно и секако институциите да функционираат исто за сите, да го третираат криминалот како криминал и како таков да се борат против него без да го гледаат етничкиот предзнак на криминалот.

Имаат ли одредена вина и политичките лидери?

Мислам дека е битно политичките лидери да дадат пораки кои не се насилни, значи вокабуларот на политичките лидери не треба да повикува на насилство, затоа што секое повикување на насилство од страна на лидерите би повлекло како рецидив вистинско насилство на теренот. Но, повторно велам дека вистинската одговорност ако не профункционираат институциите на државата секако дека тоа ќе биде кај институциите, а не само кај политичките лидери.

Во однос на четирите Хашки случаи, тие се вратија во Македонија, ДУИ беше против таквото решение. Колку сметате дека тоа може да ги наруши односите во новата влада, меѓу коалиционите партнери?

Најпрво тоа се прашања кои не се во третман на политиката, туку кај судовите, но мислам дека начинот на кој би се процусирале евентулано не е без политички интерес, кај сите политички партии на албанците и мислам дека тоа не треба без интерес да биде следено и кај политичките партии на македонците. Ние остануваме на ставот дека законот за амнестија треба да важи за сите и дека тие случаи не би требало посебно да се отвараат, туку дека исто така треба да спаѓаат во законот за амнестија.

Неколку пати споменавте дека приоритет на новата влада ќе бидат ЕУ интеграциите. Колку воопшто Македонија има шанси за позитивен извештај есенва од ЕК со оглед на изборното искуство и воопшто начинот на спроведување на реформите?

Изборното искуство ќе ,,влезе“ во извештајот и тука нема бегање. Мислам дека во однос на извештајот нема да биде само тој дел, туку ќе бидат повеќе делови обработени. Мислам дека за време на претседавањето на Франција, прашањето за проширувањето не ми изгледа висок приоритет на ЕУ и се мислам дека многу ќе зависи од тоа колку ние со наши позитивни чекори, ќе успееме да влијаеме позитивно за да добие повеќе лобисти во рамки на ЕУ.

Кога според вас Македонија треба да ја признае независноста на Косово?

Најбрзо што може.

За крај зошто Теута Арифи не ја гледаме на некое министерско место во новата влада?

Јас лично никогаш не им припаѓам на луѓето кои мислат дека мораат да бидат дел од егзекутивната власт. Мислам дека претстои време за да добиеме повеќе политичка меѓудоверба меѓу себе, кога албанците ќе добијат и некои други министерства каде што јас евентуално би се гледала повеќе. Во оние што ние ги имаме сега, што се за почит, мислам дека има други професионалци во рамките на партијата кои би работеле подобро од мене.
XS
SM
MD
LG