Достапни линкови

logo-print

ЕУ не може да прифати нови членки до стапувањето во сила на Лисабонскиот договор


Францускиот претседател Николас Саркози вчера во Европскиот парламент во Стразбур повтори дека Европската унија не може да прифати нови членки се додека Лисабонскиот договор, кој во минатиот месец беше отрфлен од Ирска, не стапи во сила. Европарламентот претходно го прифати извештајот со кој се предлага Унијата да формира нова структура за кооперација со источните соседи кои во перспектива наскоро да станат нејзини членки.

Не може да има натамошно проширување се додека Европската унија не ги надмине нејзините уставни проблеми и не го прифати Лисабонскиот договор. Ова е официјалниот став на новиот претседавач на Унијата, Франција, искажан од нејзиниот претседател Николас Саркози. Во говорот пред европарламентот во Стразбур тој јасно стави до знаење дека врата останува затворена и за Хрватска која се надева на членство во две илјади и десетата година:

„Го поддржувам проширувањето кон Балкан. Нашите српски пријатели, како и нашите хрватски пријатели без поговор се европејци. Но и најголемиот поддржувач на проширувањето не може постојано да вели: Не сакаме Лисабон, но сакаме проширување. Без Лисабон нема проширување.“

Изјави Саркози, кој додаде дека пристапните преговори со Хрватска мора да продолжат, но оти со сегашниот договор од Ница, Унијата не може да има повеќе од дваесет и седум членки. За некои посматрачи ваквиот цврст став на Саркози е извесен вид притисок врз Полска и Чешка кои се против Лисабонскиот договор, а се за евро проширување. Претходно Европскиот парламент во Стразбур го прифати извештајот со кој се предлага таканаречено Европско економско подрачје плус, односно нова попатна станица за источните соседи на Европската унија на нивниот долг пат до европско члентсво. Станува збор за огледало на истоимената структура што сега на земјите од Западна Европа кои не се членки на Унијата им овозможува да учествуваат во нејзиниот заеднички пазар. Неа ја користат Норвешка, Исланд и Лихтенштајн кои веќе имаат прифатено седумдесет насто од законите на Европската унија и кои тргуваат со Унијата како да се нејзини членки. Извештајот е подготвен од греманскиот десничарски пратеник Елмар Брок кој изразува сомневање дека во сегашниве услови не е можно натамошно проширување на Унијата:

„Ќе треба да бидеме подготвени да се развиваме на начин кој ќе ни овозможи да се справиме со таквото проширување. Ако ги примиме сите земји кои го сакаат тоа од Грузија и до целиот Западен Балкан, на крајот ќе бидеме четириесет и четири земји.“

Вели Брок. Од друга страна еврокомесарот за проширување Оли Рен повтори дека тоа не треба да се однесува за земјите кои веќе добија цврсти гаранции за членство во Унијата:

„За Западниот Балкан и за Турција кои имаат јасна перспектива за членство, Европската унија не треба да поставува нови пречки пред нивната кандидатура или пристапување. Тоа би можело да креира колебање во нивните европски заложби и ќе ги ослаби реформите.“

Вели Рен. Извештајот што вчера го прифати Европарламентот не е обврзувачки, но некои од неговите идеи би можело да станат дел од сегашната дебата меѓу членките на Унијата за нејзиното натамошно проширување.
XS
SM
MD
LG