Достапни линкови

Прашањето за имотот на протераните Македонци од Грција треба да се решава во Стразбур


Имотно правните права на нашите граѓани во Егејска Македонија е меѓу отворените прашања меѓу Македонија и Грција, иако на билатерален план тоа е веќе поставувано, а на одреден начин и опфатено со Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ во смисла на тоа, имотно правните права на граѓаните во Унијата и на придружните членки да се изедначат. Сега, прашањето на имотот на протераните Македонци, државата почна да го актуелизира и во контекст на проблемот со името. Според Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи ставањето на двете прашања на маса, значи нови преговори:

„Тоа значи усложнување и на разговорите за името и на преговорите за враќањето на имотите. Значи, Република Македонија треба консеквентно и постојано ова прашање да го држи отворено и да бара од Грција да постапи според европските закони. Нашите граѓани треба да се жалат до Судот во Стразбур. А, разговорите за името да течат, само за името, со кое Република Македонија ќе биде обележана во ОН.“

Од 2004 година судот во Стразбур води постапка за непочитувањето на човековите права од страна на Грција. Поднесени се неколку тужби кои чекаат на разрешување. Од судот, на претставниците на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија им се посочува оти полесно може да се остварат нивните права доколку поднесуваат поединечни барања за оштета, отколку тоа да се прави со групни барања.

Павле Васкопулос од Виножито вели дека најважно е да се форсира прашањето на државјанството покрај прашањето на имотите, оценувајќи дека политика на Грција е да ги избрише Македонците преку анти македонска политика против македонското малцинство во Грција, оспорувањето на македонскиот идентитет и јазик:

„Се работи за политичко прашање. Значи, не враќање на грчкото државјанство на сите Македонци, коишто живеат без разлика дали во Македонија или во било која држава.“

Континуираната политика на грчката држава против македонското малцинство, што започна од 1912 година до денес, според некои ја отсликуваат и последните изјави од грчките официјални претставници, со кои се нарекува како неосновано и непостоечко прашањето за македонско национално малцинство во Грција од Егејска Македонија.
XS
SM
MD
LG