Достапни линкови

Бараме нашиот приватен имот да не и се даде на Македонија


Жителите на пограниченото село Дебелде се противат на демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово, наведувајќи дека со тоа им се одзема дел од земјата. Новото дефинирање на границата почна пред десетина дена врз основа на планот на Марти Ахтисари и врз спогодбата која во две илјади и првата година ја потпишаа Скопје и Белград.

Ако со демаркацијата на границата, дел од земјиштето остане во Македонија, процесот нема да мине без проблеми, вели Зумри Иљази, кој како претставник на пограничното село Дебелде ја надгледува работата на заедничката комисија за демаркација меѓу Косово и Македонија.

„Им реков на оние од тимот на Приштина дека грешат ако мислат да преминат преку дискутабилната точка. Бараме нашиот приватен имот да не и се даде на Македонија, а бараме и отштета за тоа што сите овие години немавме пристап да си го обработуваме земјиштето.“

Вели Иљази. Жителите на пограничното село Дебелде предупредуваат дека нема да дозволат никаква спогодба која ќе ги доведе под прашалник нивните барања. Тие ја оспоруваат актуелната линија на разграничување, бидејќи, како што велат, таа сега се протегала во територијата на Косово. Станува збор за две ипол илјади хектари обработливо земјиште во приватна сопственост на косовски албанци кое, како што додаваат, по распаѓањето на поранешна Југославија, останало под македонска администрација.

„Ако не ги прифатат нашите барања, ќе минеме на други методи, можеби и ќе пукаме врз групата која ќе излезе да ја постави границата.“

Предупредува Иљази. Во почетокот на април беше формирана заеднича комисија за демаркација на границата меѓу Македонија и Косово. Тоа е предвидено со планот на Марти Ахтисари со кој пак се признава договорот што пред седум години во Скопје го потпишаа тогашните претседатели Борис Трајковски и Воислав Коштуница. Со овој договор Србија и го призна суверенитетот на Македонија и врз територијата кај село Дебелде. Но, договорот содржи и можност за поместување на границата за триста метри доколку жителите на пограничените зони сметаат дека им била направена неправда. Затоа членовите на косовската комисија велат дека нема да има проблеми и оти ќе се најде разбирање и за жителите на Дебелде.

„Во последните документи кои ги потпишаа страните, а и во правилникот за работата на Комисијата се гарантира дека при одбележувањето на граничната линија меѓу Косово и Македонија ќе бидат земени предвид и податоците што ќе ги понуди локалното население.“

вели Џафер Тахири од косовската комисија за демаркација. Според планот на Ахтисари за статусот на Косово, предвидено е ова прашање да се реши во рок од една година од формирањето на заедничката комсија. Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу оценувајќи дека процесот на дефинирање на границата не е поврзан со признавањето на Косово изрази уверување дека тој нема да доведе до политички тензии.
XS
SM
MD
LG