Достапни линкови

Компаниите позитивно го оценуваат новиот модел


Компаниите позитивно го оценуваат новиот модел на примање на плати, односно како што најавија од Министерството за финансии, од наредната година работниците ќе добиваат бруто плата во која ќе влезат и додатоците за храна и превоз и самите работници ке бидат обврзници за плаќање на придонесите. Ристо Ташев, директор на Жи-Ва вели дека со овој начин на давање на плата, на работникот ќе му останат повеќе пари од платата за живеење:

„Бруто платата според потребите, давачките, односно користењето на тие бенефиции би ги правеле според можностите и ситуацијата во која се наоѓа работникот и тој ќе си одбере што му е поповолно.“

Воведување на концептот на бруто плата е со цел да се намали административниот товар и вложените пресметки на бруто и нето плата со што значително ќе се зголеми транспарентноста од аспект на препознавање на вкупните трошоци за работна сила за работодавачот, информираат од Министерството за финансии.

„Тоа е важно од аспект на домашните компании при подготовка на нивните бизнис планови, како и за потенцијалните инвеститори. Истовремено, македонскиот систем на плати ќе се изедначи со оној во ЕУ и регионот,“

изјави портпаролот Мартин Мартиновски и додаде дека нето платата работниците ке ја добиваат на индиректен начин кога од бруто платата ќе се одземат социјалните придонеси и персоналниот данок.

„Користите за работодавачите е тоа што ќе се интегрираат храната и превозот. Значи, бруто платата ќе биде вистински и реален показател за нивните трошоци за работна сила, односно нема да има дополнителни скриени трошоци. Нема да има негативни ефекти. Работниците нема да плаќаат повеќе персонален данок.“

Сепак сеуште е рано да се отпочне со ваков начин на исплата на платите,посочуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати.

„Ние немаме толку дисциплина во плаќањето на нашите обврски кон државата, како што се придонесите за здравство, пензиско и инвалидско. Се сомневам дека одредбата ќе биде спроведена. Но, тоа мора да се воведе, мора да ја следиме Европа,“

посочува Раско Мишковски,претседател на синдикатот.
XS
SM
MD
LG