Достапни линкови

Цената на нафтата, храната и кредитната криза топ теми на самитот на лидерите на најразвиените земји


Американскиот претседател Џорџ Буш од денеска ќе учествува на својот последен самит, на Групата Осум најразвиени индустриски земји. За рускиот претседател Дмитриј Медведев пак, ова ќе биде прво присуство на самит на Г8. Годинава состанокот се одржува на јапонскиот остров Хокаидо. Покрај тоа што настанот треба да биде форум на кој се разговара за економијата, во последно време тој станува и форум на кој се дискутира и за политички прашања.

Без разлика на мислењата на лидерите од Групата Осум за војните во Авганистан и Ирак, контроверзните избори во Зимбабве, како и нуклеарните програми на Иран и Северна Кореја, три прашања нема да може да се одбегнат на дневниот ред на состанокот во Хокаидо: високите цени на храната и нафтата, како и влијанието на кредитната криза. Сите три прашања, барем до сега го диктираат темпото на економијата во 2008. Сигурно е дека прашањата ќе бидат разгледувани од лидерите на Групата осум најравиени земји, Британија, Германија, Франција, Италија, Канада Русија, Јапонија и Соединетите Држави, но можно е тие да не се во состојба да ги решат на средбата, смета Тони Авирган од Институтот за економска политика во Вашингтон:

,,Проблемот мора да се решава земја по земја. Се разбира, Соединетите држави се извор на проблемот. Причината за проширувањето на кризата во други земји не е поради отсуството на регулатива, туку причината е дека останатите земји, како и инвеститорите во Америка забележаа можност за брз профит. Економијата е глобална, па криза во една земја има влијание на другите.”

Според Авирган растот на цената на нафтата ги прави транспортните трошоци во прехрамбената индустрија многу повисоки, а и пренасочувањето на некои прехрамбени суровини за производство на биогорива предизвикува пораст на цената на храната:

,,Голем дел од производстото на храна е зависно на хемиски ѓубрива, а во процесот се употребува и нафтата. Транспортните трошоци се зголемија поради цената на нафтата, а исто така има и храна која се употребува за производство на етанол. Мислам дека постојат докази дека во Соединетите Држави политиката за употреба на пченка во производството на етанол предизвикува големи проблеми и предизцикува криза со храна. И не само во Соединетите Држави, туку и во Мексико.”

Освен проблемот со цената на храната кој треба да се реши, останува и проблемот со високата цена на нафтата. Според Авирган, Соединетите Држави до сега немале потреба да ја контролираат цената на нафтата како Европа, поради тоа што таа била подостапна на таа страна од Атлантикот. Но, сега тоа не е така.

,,Цената на бензините на бензинските станици во Америка се зголеми за два пати повеќе отколку во Европа и тоа предизвикува проблеми насекаде. Лидерите на Г8 би сакале да направат нешто за тоа и има голем притисок за зголемување на производството на нафта.“

Без разлика на тоа што лидерите на Г8 ќе се договорат за нафтата, според Авирган ништо не може да се постигне се додека нивните индустрии не најдат алтернатива за нафтата.
XS
SM
MD
LG