Достапни линкови

Горан Ангелов, поранешен претседател на ЗЕЛС и експерт за локалната самоуправа. Сеуште незаокружениот процес на фискалната децентрализација е неуспех и за општините и за владата


Помина една година од 1 јули 2007 година, датум кој што беше означен како старт на процесот фискална децентрализација. Помина една година, роковите се пролонгираат, меѓутоа во сите тие рокови не успеа да се заокружи овој процес. Дали може да се смета овој процес како неупспешен?

Ако се земе во предвид дека помина една година од почетокот на законската можност за влез во втората фаза од фискална децентрализација, факт е дека 26 општини од вкупно 85 општини сеуште не се влезаени во втората фаза. Сигурно дека ова претставува неуспех и за самите единици на локална самоуправа и за самата држава. Има повеќе причини за ова, за жал многу единици во локалната самоуправа немаат кадровски капацитети, имаме проблеми со голема презадолженост на општините, иако во последно време сме сведоци дека се прават напори и од страна на единиците на локална самоуправа кои се задолжени, и од страна на владата со посредство на ЗЕЛС да се најде решение со задолжување евентуално, а преку тоа општините да се раздолжат кон оние компании на кои што им должат. Ако владата навистина сака да ги види сите општини во втората фаза на фискална децентрализација и со тоа да го заокружи овој процес, ќе се најдат начини и методи за надминување на оваа состојба но, мора и оние општини кои немаат кадровски капацитети, имаат методи како тоа да го надминат. Така да ќе треба напори и од страна на локалните и од страна на централните власти за да се заокружи овој процес.

Постојат ли други начини за обезбедување на средства за општините? Можеше ли на тој начин да се избегнат сите овие проблеми?

Можеше, јас предвидувам дека општините ќе имаат проблеми со финансирањето и во следниот изборен циклус, наредната година кога се очекува да имаме редовни локални избори, бидејќи стапката од 3% која државата им ја отстапува од ДДВ е премала. Македонија во нашето опкружување на балканските простори, е на последно место од одвојувањето во смисла на тоа колку државата одвојува од сопствените приходи, а тоа е ДДВ додека во Србија тоа е многу повисоко, најмалку 10%. Моја претпоставка е дека во иднина тоа ќе мора да се зголеми од 3 на најмалку 6%, но и општините треба да преземаат дополнителни мерки во смисла на тоа да си ги прибираат сопствените изворни приходи. Еве минатата година се успеа да имаме нов вид на даночни обврзници, тоа е бизнис секторот околу даноците на имот, така да општините имаа можност да соберат дополнителни приходи. Државата мора да мисли дополнително и на руралните општини. Тие во принцип имаат многу малку бизниси, имаат многу малку даночни обврзници бидејќи во голем дел граѓаните кои живеат во овие општини се ослободени од даноци, поради што мора да се размислува како на овие рурални општини да им се помогне, за некаков фискално урамнотежување. Така да во наредниот период најверојатно една од мерките ќе биде зголемување на ДДВ-то, но и концесиите на природните богатства. Природни богатства се и шумите, водите, но и земјоделското земјиште што државата го дава под концесија, а најчесто се наоѓа во рурални општини. Еден од методите за подобрување на фискалните капацитети на овие рурални општини, е токму тоа, значи создавање на некои дополнителни приходи кои всушност се остваруваат на територијата на општините, но тие не ги добиваат.

Како гледате на сериозноста на прашањето со градежното земјиште околу кое власта ,,упорно“ не попушта, а општините се обидуваат да објаснат колку е тоа важно за една вистинска децентрализација?

Градежното земјиште е сериозен проблем. Ако сакаме вистински, сериозен локалне развој, како што е и предвидено во законот, една од основните алатки што е неопходна за локален економски развој е општината да поседува градежно земјиште, за да може да креира сопствена економска локална политика. Така што без оглед што општината сеуште пружа отпор кон ова прашање, јас сум оптимист и се надевам дека ЗЕЛС заедно со владата можеби треба да најдат едно компромисно решение, а тоа компромисно решение можеби не да се бара целокупното градежно земјиште што постои на територијата, туку да се оди на еден помал процент, да кажеме 10-15% во овој момент да се пренесе на општините, а кога ќе се видат позитивните ефекти тогаш тоа градежно земјиште може значи дополнително да се зголемува тој процент.

Ако ги земеме сите овие проблеми кои што ги напоменавме, имаме ли ние вистинска децентрализација во овој момент?

Прашањето е многу сериозно за да се одговори со да или со не, но факт е дека Македонија во последните три години е во фаза на децентрализација. Јас би рекол дека сме во фаза на бавна децентрализација, тоа е мојот одговор, но јас би рекол дека работите се менуваат позитивно и можеби е природно централната власт тешко да се откажува од своите надлежности. Мене ме загрижува една работа која во иднина мора да се менува, а тоа е создавање на една добра клима на соработка меѓу локалните и централните власти. Многу пати централните власти гледаат со еден потценувачки однос кон локалните власти, а многупати локалните власти гледаат еден непријател во централната власт, посебно ако се од различна политичка партија тоа е еден страшен политички набој, мислам дека тоа во иднина треба да се надмине и да сватат и локалните и централните власти дека постојат пред се за граѓанинот. Од законодавен аспект работите се позитивни, многу надлежности се децентрализарани, останаа уште некои работи кои мора да се изменат, како областа на градежното земјиште, во областа на именувањето на директорите во образованието, и во фискалните капацитети, а општините навистина имаат поголеми фискални капацитети јас сум сигурен дека тие пари ќе се искористат домаќински, одговорно и ќе се реализираат многу проекти кои што државата не дека неможе, туку таа еден ,,тромав“организам и потешко ги реализира проектите, за разлика од општините. Да не заборавиме и дека пред нас е ИПА инструментот, кој што е многу значен за Македонија, значи локалните власти треба да ,,парираат“ со пари на ИПА инструментот, односно ако тие немаат пари не ќе можат да користат средства од ЕУ.

Дали сега веќе се разраничени ингеренциите на ниво на општините, со оглед на тоа дека во скоро време имавме еден проблем околу плаќањето на даноците во рамките на градот Скопје?

Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, во иднина ќе мора дефинитивно нешто да се менува бидејќи гледаме дека вака нефункционира. Или ќе мора градот да биде многу силен, или пак ќе биде само ,,англиска кралица“ и ќе има само церемонијални можности, додека скопските општини би биле тие кои што би воделе кон еден условно кажано свој развој. За тоа ќе треба да се размисли во градот Скопје ќе мора да се зложат многу пари да се инвестираат за да се решат пред се комуналните инфраструктурни проблеми.

Во таа смисла, вие имате разбирање за тоа што пред се градот Скопје ,,одбива“ да влезе во втората фаза од фискалната децентрализација?

Не немам разбирање, секој што ги исполнил условите треба да влезе во втората фаза од фискалната децентрализација, бидејќи тоа не е само обичен трансфер на пари, туку е и една можност која што е многу битна за општините, а тоа е можноста да се задолжуваат. Како може градот Скопје да го реши трамвајот, кога тој чини 200-300 милини евра, значи неможе да го реши од сопствениот буџет туку ќе мора да се задолжи кај некоја кредитна институција. Така што одбивањето да се влезе во втората фаза од фискална децентрализација, нема врска со надлежностите, туку е најверојатно некоја политичка одлука на одредена политичка гарнитура која е во градот Скопје.
XS
SM
MD
LG