Достапни линкови

Македонија да остане на патот кон ЕУ и НАТО и да не се изолира, порачуваат странските дипломати


Иако Македонија не ја доби поканата за членство во НАТО на самитот во Букурешт, таа е стабилна земја и од суштинско значење е да го продолжи евтоинтегративниот пат. Ова е заклучокот од денешниот форум на тема Стабилноста на Балканот, НАТО по самитот во Букурешт на кој дебатираа домашни и меѓународни експерти. Стабилноста на Македонија не зависи од дневното расположение или внатрешно политичките проблеми на една соседна земја, рече министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

„Македонија ќе продолжи да го има партнерскиот однос со НАТО. Сметам дека НАТО е организација која има стратегија на интегрирање, иако краткорочно одредена земја членка тоа може да го блокира, сметам дека потенцијалите за блокирање на една земја членка се помали од стратешките определби на НАТО.“

Зборувајќи за недобивањето покана за Македонија на самитот во Букурешт, како за преседан во историјата на НАТО, министерот за одбрана Лазар Еленовски рече дека Македонија ќе ги продолжи реформите на патот кон НАТО.

„Продолжуваме да ги градиме реформите на сите полиња. Ние веќе ја почнавме новата трансформација на оружените сили.“

Дека Македонија треба да биде дел од Алијансата повтори и заменик шефот на мисијата во Американската амбасада во Скопје, Томас Џеј Навратил.

„Не мислам дека земјите-членки на НАТО треба мирно да чекаат решение за спорот со името меѓу Македонија и Грција, туку треба да си го постават ова прашање како примарна цел. Нато има интерес да се реши ова прашање. Ова е гледиштето на Соединетиѕте Држави, а ги охрабруваме сите други членки на НАТО да го преземат сличен пристап за да се најде разумно решение и да довбиете покана за членство многу, многу брзо,“

рече Навратил.

Поддршката на Македонија на патот кон евроатланските интеграции ја потврди и воениот аташе во Германската амбасада во Скопје, полковник Хенрих Киндингер.
Повторувајќи го разочарувањето што како што рече Македонија не ја доби поканата и покрај исполнувањето на потребните услови, Киндингер порача

„Според мене грчкото вето кое беше мотивирано од националните интереси би можело да има индиректнло влијание на стабилноста и безбедноста на целиот регион. Сепак патот кон евроатланското интегрирање на Македонија е се уште отворен. Од суштинско значење е Македонија да остане на тој пат кон ЕУ и Нато и да не се изолира,“

рече Киндингер.

И покрај тоа што Алијансата се соочува со тешки безбедносни предизвици денеска, учесниците порачаа дека обезбедувањето на мир и стабилност во светот останува примарна цел на Алијансата.
XS
SM
MD
LG