Достапни линкови

Македонските репрезентативци најавуваат тешка борба за да приредат изненадување на ЕП


Она што до пред десетина месеци изгледаше невозможно, за два дена ќе стане дел од македонската спортска историја. Нашата ватерполо репрезентација ќе дебитира на Европското првенство кое од 4 до 17 јули ќе се одржи во Малага (Шпанија). Натпреварување до кое дојдовме само една година по тргнувањето од дното во овој спорт. Незапаметен успех во светското ватерполо, каде со почит се говори за нашиот влез меѓу европските 12 величествени. Успех за гордост, но не и крајна цел на сите во репрезентацијата и покрај скромните едномесечни подготовки за ЕП.

„Имавме малку време за да кажеме максимално сме подготвени и да ви ветиме нешто. Сепак нема да се жалиме, па мотивирани и со потенцијал за добар настап одиме на Еуро. Репрезентацијата е составена од искусни и цврсти момчиња, кои имаат што да покажат во Малага, каде ќе играме машко и атрактивно ватерполо,“

изјави еден од нашите главни адути, новиот селектор Љубомир Мечкиќ.

Човекот кој е тренер дури 4 децении, во кои покрај со четири репрезентации работел и во 15 клубови, и секаде бележел успеси. Нешто за што постојано е гладен и што верува ќе е случај и со Македонија, која на ЕП е во група со Романија, Србија, Русија, Италија и Германија. Ривали за респект, но не и за песимизам кај играчите, кои убедуваат дека ќе дадат се од себе и дека ќе бидат хит на првенството, за што најзначаен ќе е првиот меч.

„Имавме тешки подготовки. Се надевам дека ако стартуваме добро против Романија, мислам дека понатаму може да изненадиме уште една – две репрезентации во групата. Секое место меѓу осмото и десетото место би бил огримен успех,“

вели капитенот Сашо Поповски, единствениот роден Македонец во нашиот национален тим. Факт кој не го намалува интересот и подршката на љубителите на спортот, кои задоволни од учеството, не се оптоварени со врвен резултат на ЕП.

„Битно е што ќе се најдеме на едно такво големо натпреварување и тоа е најважно.“
„Да влезат во првите десет јас би бил задоволен.“
XS
SM
MD
LG