Достапни линкови

За признавањето на Косово владата ќе постапува во согласност со македонските национални интереси


Дали почетокот на демаркацијата на границата кон Косово значи чекор поблиску до признавањето на независноста на Косово од македонска страна? Државниот врв со одговор дека двете работи не треба да се поврзуваат едно со друго. Од министерството за надворешни работи велат дека демаркацијата е технички процес кој произлегува од договорот од 2001 година кој Македонија го потпиша со тогашната СР Југославија. Во однос на признавањето на Косово, од македонската влада велат дека ќе се постапува во согласност со македонските национални интереси. За разлика од овие тврдења, експертите се убедени дека двете работи се испреплетени. Според политикологор Ризван Сулејмани и неодамнешната посета на американскиот заменик државен секретар Розмари Ди Карло во земјава е своевиден притисок кон земјава побрзо да ја признае независноста на Косово.

„Кога еден дипломат од тој ранг јавно ќе каже, тоа значи дека врши притисок во јавноста дека таа одлука треба да се донесе. Од друга страна, еден добар гест од страна на Косово за демаркацијата е во функција за создавање на клима и охрабрување на македонските власти што побрзо да ја донесат таа одлука.“

Иако двете работи не се поврзани, секоја заедничка активност значи натамоша реализација на други активности, се согласува и претседателот на Балканскиот безбедносен форум Благоја Марковски. Според него не треба да се очекуваат проблеми од жителите на пограничните региони, кои неколкупати досега се заканија оти и со оружје ќе ги бранат своите имоти, кои пак со одбележувањето треба да припаднат на македонска страна.

„Граѓаните на Косово со задоволство ќе го профатат ова исцртување бидејќи сметаат дека властите на Косово се тие кои ги штитат нивните интереси. Тие се добро информирани од страна на властите на Косово и сето она што се случува сега ќе биде на општо задоволство и на Република Македонија и на Косово и од тој аспект не очекувам никакви проблеми.“

Демаркацијата на границата почна на тримеѓето меѓу Албанија, Косово и Македонија на метото Шерупа, на околу 2100 метри надморска височина на Шар Планина. Во наредните месеци границата ќе биде одбележувана во правец на исток, а во согласност со темпото што го предвидува планот на Марти Ахтисари. Според истиот, по формирањето на комисии од двете страни кои ќе работат на ова прашање, одбележувањето треба да заврши во рок од една година.
XS
SM
MD
LG