Достапни линкови

Махи Несини, политички аналитичар. ДУИ и ДПА имаат слични политички агенди, но кога би биле во иста влада се губи смислата на изборите


Што мислите за опцијата двете партии од албанскиот политички блок заедно да учествуваат во новата влада

Јас лично не гледам причина зошто тоа би било така, бидејќи тогаш се губи смислата на изборите, односно постоењето на двете најголеми партии во албанскиот политички блок. Згора на тоа, не знам што би се профитирало од сето тоа, бидејќи и едната и другата имаат приближно иста агенда за остварување на политичките цели.

Во текот на изборната кампања бевме сведоци на изјави од двете партии од албанскиот политички блок дека не сакаат заедно да учествуваат во владата. Како ги објаснувате причините за ова

Сведоци сме на многу остри оценки за практицитање на власта на едните или другите, со доста навреди. Впрочем, вие знаете и што се случи на изборите. И од тие конфронтации не се добива впечаток дека е време и двете партии да бидат сплотени во една влада.

Дали нерешените прашања кои произлегуваат од рамковниот договор и се во агендата на двете партии, како прашањата за јазикот, борците на ОНА, очекувате да се најдат на дневен ред по формирањето на новата влада

Да, секако. Тоа е и целта на Република Македонија. Да се затворат што е можно побрзо внатрешните недоразбирања или внатрешните проблеми, кои сведоци сме дека предизвикувале доста негативни импликации врз стабилноста на државата што самото по себе оставило и лош впечаток во меѓународната заедница за Република Македонија.

Дали решавањето на овие прашања очекувате да се појави како кочница во политичкиот дијалог и политичките процеси во земјава

Не би требало воопшто да се појави, со оглед на тоа дека и сите политички партии во земјава без оглед на нивниот капацитет со кој учествуваат во законодавниот дом, или други вонпарламентарни партии, сите имаат една и единствена цел, што побрзо приближување, односно започнување преговори со ЕУ. Во тој склоп, апсолутно треба секому да му биде јасно дека евентуалните недоразбирања внатре, само по себе претставуваат сопка кон патот кон ЕУ. Сметам дека политичките партии имаат свој внатрешен капацитет да ги пребродат сите тие недоразбирања кои би се појавиле, имајќи го предвид смерот по кој треба да се движиме.

Како гледате кон рокот од 9 јули влез на Македонија во НАТО заедно со Албанија и Хрватска и што доколку тоа не се случи

Деветти јули за жал тешко ќе може да се стигне, со оглед на временскиот теснец. Но, смета дека доколку двете земји најдат компромисно решение во врска со спорот за името, склон сум да поверувам, тргнувајќи од тоа колку НАТО и ЕУ сакаат да бидеме во нивните редови, значи тргнувајќи од тоа, сметам дека дипломатијата ќе изнајде друго решение, некоја формулација, со која малку подоцна ќе не вклучи и нашиот вагон во таа композиција, значи ќе ни прогледа низ прсти, ако успееме било како да најдеме решение со Грција.

Рековте дека нема битни разлики во агендите на двете политички партии од албанскиот политички блок. Во таа насока, може ли да се каже какви се нивните позиции во поглед на прашањето на името на земјава

Прво, да ви кажам дека кога реков дека нема битни разлики, точно е дека во корпусот на заложбите на двете политички партии, скоро и да нема никаква разлика. Разликата е во начинот на практикување на власта, што по мене кај ДПА е изразито арогантна и партизирана, значи со една таква партија секој е свесен дека е надвор од политичките и севкупните општествени движења, ако не е припадник на таа партија, што кај ДУИ тоа е сепак многу пофлексибилно. Што се однесува до решавањето на спорот со името, и двете партии, но не само партиите, односно нивните лидери, туку и целокупниот албански народ во Република Македонија е цврсто определен за НАТО и ЕУ интеграција, односно за членство во НАТО. Мислам дека политичките партии на Албанците суштината на проблемот од многу познати причини им го препуштаат на политичките партии на Македонците. Не дека тие не сакаат да бидат учесници во тоа, меѓутоа, чувствителноста на темата, сепак од многу морални причини им го препуштаат на Македонците. И сметам дека е многу фер и коректно што албанските политички партии со тоа не се преокупираат затоа што прединствено тоа е проблем на политичките елити на Македонците.

Дали албанските граѓани во Македонија го чувствуваат проблемот на името на земјава како заеднички проблем

Да, секако. Видете, можеби за прв пат ова ќе го кажам сега. Уште пред приемот на Република Македонија во ОН во 1993 година, тогашното ПДП многу јасно се изрази дека апсолутно промена на името нема. А, се друго сепак и тогаш им е препуштено на политичките елити на Македонците. И тие го чувствуваат така. Но, повторно ќе се навратам, со оглед на нивниот капацитет за учество во животот во оваа држава и со огле на капацитетот на Македонците и со оглед на чувствителноста на темата, тие некому се чини дека нив не ги засега тоа и не се заинтересирани. Не, напротив тие се заинтересирано, но свесни се дека другиот, вашиот колега е поодговорен и покомпетентен да одлучува за тоа.
XS
SM
MD
LG