Достапни линкови

Во ДУИ велат дека преговорите за учество во владата ќе се водат исклучиво на лидерско ниво


Деновиве продолжуваат преговорите на мандатарот Никола Груевски со лидерите на политичките партии од албанскиот блок околу коалицирањето во владата. Во меѓувреме како што посочуваат извори од власта, продолжуваат анализите и разговори во рамки на ВМРО ДПМНЕ, но ќе следуваат и консултации со независни експерти за формирањето на владиното мнозинство. Засега нема ништо ново околу најавите за формирање на работни групи, кои треба да работат на решение на спорните прашања за кои постојат разидувања со партиите со кои мандатарот преговара за коалицирање во владата, посочуваат извори од власта. Во Демократската Унија за интеграција пак велат дека преговорите за формирање на владата ќе се водат исклучиво на лидерско ниво, а работни групи кои ќе ги прецизираат деталите ќе бидат формирани дури откако ќе биде склучен договор за коалицирање.

„Ние во ДУИ имаме став, разговорите со мандатарот Никола Груевски да ги води претседателот Али Ахмети, разговорите се на политичко ниво, начелни разговори. Работата на евентуалните работни групи или екипите кои што ќе работат, ќе дојде тогаш кога лидерите ќе ги зацртаат политичките цели и политичката платформа на заедничкото коалицирање.“

Вели Џевад Адеми од ДУИ. Задачата на работните групи велат во ДУИ ќе биде само формална и само на техничко ниво, откако ќе биде донесена одлуката дека партијата влегува во власта. На овие групи најверојатно ќе се прецизираат барањата околу мајскиот договор и некои други технички детали, велат од ДУИ од каде како што инфомираат дека стојат на одлуката дека заедничко коалицирање во владата со ДПА не доаѓа во предвид. Инаку најавата дека ќе бидат формирани работни групи или т.н. комисии за решавање на недоразбирањата при преговорите, пристигна од лидерот на ДПА Мендух Тачи кој ова го изјави веднаш по средбата со мандатарот Груевски:

„Мислам дека во текот на неделата ќе се формираат и комисии од двете политички партии кои што ќе ги операционализираат несогласувања или согласувањата во врска со формирањето на владата.“

Изјави Тачи.
Мандатарот неделава повторно ќе има средби со лидерите на ДУИ и ДПА, Ахмети и Тачи. Во меѓувреме како што се информира, претседателите на албанските партии имаат средби и со претставници на меѓународната заедница. По вчерашните разговори со Груевски засега е извесно дека во владата влегува Партијата за европска иднина на Фијат Цаноски.
XS
SM
MD
LG