Достапни линкови

На Косово постои ризик од функционална поделба


Меѓународната цивилна канцеларија во Приштина оценува дека на Косово постои ризик од функционална поделба меѓу албанците и србите, но оти ќе преземе се за да го спречи тоа. Институциите на Косово отфрлаат секаква можност од таков развој на настаните, а кососвските срби остануваат на ставот дека поделбата е повеќе од потребна.

Портпаролот на Меѓународната цивилна канцеларија Енди Мекгафи изјави дека на Косово постои опасност од функционално раздвојување како што неодамна предложи српскиот министер за Косово Слободан Самарџиќ, но оти меѓународната заедница ќе дејствува во правец да го спречи тоа.

„Не се отфрла можноста од ризик. Но ќе сториме се за да обезбедиме на Косово да постои единствен правен простор и да се развива мултиетничкото општетство.“

Претходно специјалниот пратеник на Европската унија Питер Фејт изјави дека генералниот секретар на Обединетите нации Бан ки Мун и дал на Србија уверувања дека ќе дозволи во српските средини да се одржи статус кво состојбата барем на одредено време. Според Фејт, тоа значи дека Белград ќе управува со северно Косово, а тоа пак доведува до функционала поделба на Косово. Дискусијата по повод ваквата поделба, во српската заедница се оценува како признавање на реалната состојба. Небојша Јовиќ од Српскиот национален совет на Митровица оценува дека меѓународната заедница увидела оти функционалното раздвојување е единствено можно решение во моментот.

„Господин Бан ки Мун не рече ништо ново, туку само ја призна реалноста и тоа е позитвен напредок. А реалноста е дека не е можна никаква интеграција на Приштина со северот на Косово.“

Вели Јовиќ, наведувајќи дека и функционалата поделба е привремено решение, односно дека за секое потрајно средување на состојбите на Косово ќе бидат потребни дополнителни разговори меѓу србите и албанците со посредство на меѓународната заедница. И додека косовските срби не ја признаваат независноста на Косово и ги бојкотираат институциите во Приштина, портпаролот на косовскиот претседател Џавид Беќири отфрла секаква можност за функционална поделба:

„Косово е независно на целата своја територија. Признато е од четириесет и три земји членки на Обединетите нации, а веруваме дека тоа ќе го сторат и другите.“

Вели Беќири, додавајќи дека затоа официјална Приштина на прифаќа никаква дискусија околу територијалниот интегритет на Косово и оти тоа е затворено прашање.
XS
SM
MD
LG