Достапни линкови

Во новата влада со ДУИ или со ДПА?


Во очекување на разговорите за состав на новата влада, по што треба да се знае кој од албанските партнери ќе биде дел од власта, политичките субјекти претпазливи околу можните комбинаторики. Во ВМРО-ДПМНЕ се прават последните проценки за сите варијанти пред да се донесе конечната одлука за тоа кој ќе биде идниот коалиционен партнер од албанскиот политички блок. Извесна се средбите на премиерот Никола Груевски со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на ДПА Мендух Тачи.

Од Демократската за интеграција не кријат дека се заинтересирани да бидат дел од неа. Неофицијално, од ДУИ велат дека со оглед на изборниот резултат се чувствуваат подготвени да ја делат одговорноста со власта во наредните четири години. Од Дуи велат дека членство во НАТО и добивање датум за преговори со Унијата се главните приоритети поради кои би влегле во владата. Сепак од оваа партија истакнуваат дека тоа ќе се случи само доколку Демократската партија на Албанците не биде дел од владината коалиција.Од Демократската партија на Албанците не беа достапни за коментар околу оваа тема.

Политичките аналитичари велат дека последниот збор околу составот на новата влада го има премиерот Груевски, кој според нив по консултациите со сите засегнати страни треба да одлучи со кого ќе владее во наредниот мандат.
Во секоја демократска земја онаа партија која го добива мнозинството гласови на граѓаните го има кредибилитетот да биде дел од новата влада, вели проф. Хасан Јашари од Универзитетот на Југоисточна Европа

„Послободно делува, поодговорен е, демократијата добива со тоа што луѓето кои на изборите имаат кредибилитет од својата популација да ги претставуваат во владата. Тоа е подобро за иднината на Македонија, подобро и за граѓаните.“

Во согласност со законските прописи, мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот на Собранието му поднесува програми и го предлага составот на Владата. Седницата за избор на Владата, претседателот на Собранието ја свикува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на новата влада, а собранието ја избира владата со мнозинството гласови од вкупниот број пратеници.
XS
SM
MD
LG