Достапни линкови

Бернар Валеро, амбасадор на Република Франција во Македонија. Македонија има само еден план - влез во ЕУ


Изборниот процес заврши. Дали после се што се случуваше можеме да кажеме оти Македонија ги исполни меѓународните критериуми за фер и демократски избори?
Моите чувства се измешани во однос на ова прашање. Бидејќи по првиот изборен круг на 1 јуни и насилството што се случи, целата Меѓународна заедница и мојата земја бевме многу загрижени за ситуацијата. Јас лично забележав ситуација во која немаше демократски напредок. Но за среќа, вториот круг на 15 јуни, ја поправи оваа слика, а властите покажаа дека имаат волја да осигураат слободни избори во земјава. Би ја повторил пораката од меѓународната набљудувачка мисија на ОДИХР, која вели дека сите луѓе кои се притворени по 1 и 15 јуни и за кои постои сомневање дека се обиделе да им забранат на граѓаните да го изразат своето право на глас, треба да им се суди пред органите на правдата. Тоа е апсолутно потребно. Значи за среќа сега изборите се зад нас, иако не очекува отворен период во кој треба да се формира новата влада. Важно за нас е е да набљудуваме што ќе се случува и дали новата влада ќе биде способна брзо и навреме и да ја одведе земјата на вистинскиот пат и да ги спроведе реформите, со цел да ги исполни критериумите што од вас ги побара Европската Унија пред неколку месеци.
Од 1 јули, Франција и официјално го презема претседавањето со Европската Унија. Колку вашата земја може да и помогне на Македонија да се приближи до европското семејство?
Најпрво мислам дека можеме да помогнеме ако потсетиме дека Македонија нема план Б, туку само план А, а тоа е еден ден да стане дел од европското семејство. Тоа е нашата стратешка визија за регионот, не заборавајте дека Франција беше движечка сила за европската иднина на Балканот за време на нашето последно претседавање со Унијата, на Европскиот самит во Загреб во 2000 година, кога го поставивме европскиот пат за Балканот. Од 2000 година до сега 2008, мојата земја не го промени ова мислење. Уверени сме дека доколку сите реформи се исполнети за остварување на оваа цел, целиот Балкан еден ден може да биде дел од Европската Унија. Мислам дека е исто така важно да се каже дека една од најважните цели за Македонија оваа година е да добие датум за почеток на преговорите со Унијата. Прво, не е Франција таа што ќе игра важна улога во овој процес, туку Комисијата. Таа на крајот на октомври и на почетокот од ноември ќе го објави годишниот извештај во кој или ќе има или нема да има препорака за почеток на преговорите. Тоа е првиот приоритет за новата влада. Значи дека во следниот краток период таа треба да ја убеди Европската Комисија и да покаже дека земјата треба да добие позитивна препорака од комисијата.
Но, дали имаме време да завршиме со преостанатите обврски и дали може да се надеваме на позитивен извештај од Унијата?

Времето е многу кратко. Владата ќе биде формирана, да претпоставиме на крајот на јули, не знам. Имаме малку време до извештајот кој треба да биде готов на пошетокот од октомври. Значи времето што треба корисно да се искористи е многу кратко. Ова е уште една причината за сите политички лидери во земјава да ги забрзат реформите и да создадат широк консензус во овој краток временски период, оти има една цел, а тоа е да се покаже дека земјата е способна да добие позитивен извештај од комисијата. Ќе направиме се што можеме да им помогнеме на македонските власти да ја остварат оваа цел, имеме блиска соработка со Европската Унија и со евро амбасадорот во Македонија, со цел да се постигне прогрес за земјата и да добиете позитивен извештај. Добар годишен извештај од комисијата, исполнувањето на критериумите, ќе бидат гаранција за Комисијата дека вашата земја успеала и е подготвена да биде дел од ЕУ.

Меѓутоа и покрај тоа што Македонија ги исполни потребните реформи за НАТО, таа не ја доби поканата на самитот во Букурешт, поради противењето на Грција и нерешениот спор со името. Оправдани ли се очекувањата дека може да се повтори истото сценарио и на патот на Македонија кон Европската Унија?

Во однос на ова би сакал да им кажам на гледачите дека кога зборуваме за реформи во земјава, тоа не е со цел да задоволиме нечие барање во Брисел. Граѓаните се тие кои ќе имаат бенефит од реформите. Владата има одговорност да го подобри животниот стандард во земјата. Тоа е главната и прва цел на реформскиот процес. Тоа е нешто што не треба да се заборави, бидејќи кога зборуваме за реформи се добива впечаток дека ги правиме за да го задоволиме Брисел. Не, туку ги спроведуваме за да одговориме на очекувањата на населението. Второ во НАТО постојат правила. Консензус. А истите правила важат и во Европската Унија. Во овој контекст, ако има барем една земја која се противи, го знаеме резултатот. Во однос на ова прашање би дал силна препорака, а тоа е дека ние не сакаме да се мешаме во решението, но компромис и заедничко прифатливо решение меѓу Скопје и Атина мора да се најде. Бидејќи доколку не се најде решение на овој проблем, би можеле да се соочиме со истата ситуација како во Букурешт бидејќи такви се правилата на играта.

Дали личниот став на претседателот Никола Саркози го отсликува и официјалниот став на Владата на Франција за прашањето за името ?
Кога претседател на некоја земја, во случајот на Франција неколку пати јавно го кажува својот став во однос на ова прашање, тоа не значи дека ова го прави на лична основа, туку дека го изразува официјалниот став на земјата. А, нашата позиција е многу јасна. Тоа не е позиција на непријателство во однос на Македонија или против Македонија, напротив ќе бидеме многу задоволни ако се најде решение. Потполно го поддржуваме посредувањето од страна на ОН во овој процес и искрено се надеваме дека и двете земји ќе постигнат заедничко прифатливо решение. Тоа е во интерес не само за двете страни, туку и за целиот регион и Европа. Значи ние ја поддржуваме динамиката на преговорите и се надеваме дека ќе има политичка волја од двете страни да се дојде до решение.
Колку се реални шансите за проширување на Унијата со нови членки по ирското НЕ на Лисабонскиот договор?

Во однос на ирското НЕ, мислам дека е дополнителен нов елемент што ја комплицира генералната слика во градењето на европскиот процес. Тоа е реалноста и ние не смееме да ги затвориме очите пред неа. Второ, мораме да ја почитуваме волјата на ирскиот народ. Таа е суверена земја и членка на Унијата многу години и народот ја изрази својата волја на многу демократски начин. Третата работа што сакам да ја потенцирам се дополнителните потешкотии што се јавија сега. Но, на еден или на друг начин ќе го надминеме и ова. Прво треба да направиме длабока анализа, за тоа која беше пораката што ја испрати мнозинството од ирскиот народ на референдумот од 13 јуни. Оваа анализа треба да одговори на прашањето за очекувањата на ирскиот народ, а наша колективна одговорност е да дадеме одговор на овие прашања. Четврто што сакам да го нагласам е дека мораме да продолжиме со процесот на ратификација на Лисабонскиот договор. Ова беше јасно, официјално и силно кажано од францускиот претседател и германската канцеларка Меркел. Во однос на перспективата за проширување на Унијата, таа не е затворена. Напротив, патот за проширување е се уште отворен.

Кога македонските граѓани ќе патуваат без визи во Франција?

Колку побрзо, толку подобро. Прво би сакал да потсетам дека минатата година Македонија успешно ги заврши доста тешките преговори со земјите членки на Унијата и шенген зоната, којшто се однесуваше на олеснување на визниот режим. Овој договор почна да се применува годинава, на 1 јануари. Ова беше првиот важен резултат за земјата. Вториот важен резултат е што во меѓувреме Македонија ги модернизираше и ги спроведе сите внатрешни процедури на системот како што се граничното управување, биометриски пасоши итн. Па, затоа денеска Македонија е една од најнапредните земји на Балканот во оваа област. Трето, се сеќавате дека комесарот Фратини беше во Скопје пред неколку месеци со цел да ја почне следната фаза на преговарачкиот процес, а тоа е либерализација на визниот режим. Преговорите целосно започнаа пред неколку недели во Брисел и тие продолжуваат. Ние се надеваме дека ќе направиме колку што е можно поголем напредок следните месеци иако сме уверени и оптимисти поради една причина, а тоа е дека она што Македонија може да го покаже пред преговарачите во Брисел е многу добро, одлично. А тоа е најдобар старт во преговорите. Како земја членка не сме директно вклучени во тој процес, но мислиме дека позицијата на Македонија во овој процес е добра и оптимисти сме во однос на крајниот резултат.

Постои впечаток во јавноста дека нашиот пазар не е интересен за француските инвеститори? Се согласувате ли и зошто е тоа така?
Воопшто не се согласувам. Имате право во однос на нивото на трговска размена меѓу двете земји и таа не е доволно висока. Значи мора да го поправиме овој дел на меѓусебна трговска соработка меѓу мојата и вашата земја. Но во однос на инвестициите, не се согласувам со овој впечаток во јавноста. Ќе ве потсетам дека 2007 година беше важна, бидејќи видовме како една од најголемите водечки банки во светот, Сосиете женерал влегува во Македонија. Од тој ден оваа банка инвестира во вашата земја, вработува луѓе, персонал, отвора свои претставништва низ целата земја, значи постојано инвестираат од денот кога дојдоа тука. Неодамна и премиерот отиде во Франција за да потпише договор со важна компанија за прозиводство на автомобилски делови, според кој оваа компанија ќе инвестира во вашата земја. Се работи за инвестиција вредна 150 милиони евра, што не е мала работа. Не можам да кажам се бидејќи сум дипломат, но ве уверувам дека во следните месеци бројот на француски инвеститори во оваа земја ќе расте.
XS
SM
MD
LG